Европската ракометна федерација денеска ќе ги објави сите пријавени тимови за новата сезона во Лигата на Европа и во ЕХФ Европскиот Куп како и рејтинзите пред првата ждрепка што е закажана за следната недела. По Еурофарм Пелистер, кој ќе игра во Лигата на шампионите, Македонија може да има уште пет тима во Европа.
Со добивањето на вајлд-картата за најелитното натпреварување, пелистерци го „повлекоа“ Вардар во групната фаза од Лигата на Европа. Третопласираниот тим од Супер лигата, тимот на Кирил Лазаров, побара „апгрејд“ од ЕХФ Европскиот Куп во Лигата на Европа и денеска ќе биде познато дали ќе мора да игра квалификациско коло или ќе добие исто како и Вардар место во групите.
Со освојувањето на трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, се отвори уште едно место за македонски тим во ова натпреварување, а тоа ќе биде Тиквеш. Ако „сино-белите“ од Автокоманда добијат место во ЛЕ, тогаш Охрид ќе го заземе нивното место во ЕХФ Европскиот Куп и ќе го има највисокиот рејтинг, а тоа многу веројатно ќе значи старт од третото коло, иако за тоа ќе треба да се добие официјална потврда од ЕХФ.
Кавадарчани би требало да стартуваат од второто коло, во зависност од пријавените екипи, додека Бутел Скопје побара вајлд-карта за ЕХФ Европскиот Куп и доколку ја добие ќе стартува од првото коло. Ако ова се случи, тогаш Македонија за првпат во историјата би можела да има дури шест машки преставници во европските купови на ЕХФ.
Кај дамите, Македонија ќе има четири претставници во ЕХФ Европскиот Куп. Шампионот Ѓорче Петров ќе има највисок рејтинг во споредба со другите пријавени македонски екипи и би требало да стартува од третото коло. Металург Автокоманда, Чаир и Куманово исто така се пријавија за ЕХФ Европскиот Куп, но тие би требало да стартуваат од второто коло, секако во зависност од бројот на пријавените екипи.
Ждрепката за ЕХФ Европскиот Куп во двете конкуренции, како и за Лигата на Европа кај дамите, односно квалификациите за Лигата на Европа кај мажите, ќе се одржи на 15 јули, додека ждрепката за групната фаза во второто по ранг европско клупско натпреварување е закажана за 18 јули.