Шведскиот шампион Истад нема да учествува во европските купови во следната сезона поради финансиски причини.
Официјалниот претставник на шведскиот првак го оправда повлекувањето со економската непредвидливост.
„Се наоѓаме во ситуација во која никогаш не сме биле од спортски аспект, и затоа оваа одлука е секако многу тешка и тажна. Ги измеривме сите предности и недостатоци, но сепак ова е најодговорната одлука што можевме да ја донесеме. Никогаш не знаеш колку ќе чини Европа. Оваа сезона, на пример, се сретнавме со Мадеира во квалификациите и тоа беше, можеби, најскапото патување во целата историја на клубот. Уште еден европски натпревар ќе го доведеше во прашање целиот буџет на клубот“, изјави менаџерот на клубот, Тор Блендберг.
Минатата сезона Истад заработи само 35.500 евра од телевизиски и маркетинг права за Европската лига.
Гостинските натпревари беа одиграни на Мадеира, во Лисабон (Португалија), Ирун (Шпанија), Глогов (Полска), Констанца (Романија) и Лимож (Франција).