ИНЦИДЕНТ: Родители „каменувале“ играчи и нивниот автобус

После вториот натпревар од полуфиналето на младинскиот Ф4 што се одржува во Скопје, се случил инцидент. Ракометната федерација на Македонија веднаш била информирана за инцидентот, а истиот бил пријавен и во полиција. По играчите и автобусот на една од екипите биле фрлани камења, и тоа од страна на родители на една од екипите и публиката која навивала за нив.

На младинскиот Ф4 што се игра денеска и утре во салата во Бутел, учествуваат четири екипи, два од Автокоманда, и Бутел и Еурофарм Пелистер. Во првото полуфинале играа Бутел и Мулти Есенс, а во второто Еурофарм Пелистер и Алкалоид. Инцидентот се случил после второто полуфинале што го добија гостите од Битола, тоа со гол во последните моменти од мечот.

Тимот на Еурофарм Пелистер веднаш ја информирал Ракометната федерација на Македонија, давајќи и детали за тоа што се случило. Инцидентот се случил надвор од салата.

„Сакаме да ве известиме и воедно да пријавиме инцидент, напад на играчите од нашата екипа и автобусот со кој се превезуваат играчите. Нападот се случи веднаш после завршување на натпреварот од младинскиот Ф4. Имено родители на играчите и останатата публика која беше на делот од трибината на РК Алкалоид со камења и бекатон плочки фрлаа по играчите кои излегуваа од салата, се движеа кон клупскиот автобус и исто така по клупскиот автобус“, се вели во известувањето од Eурофарм Пелистер испратено до Ракометната федерација на Македонија.

Oд РФМ ни потврдија дека добиле известување од страна на битолскиот клуб во врска со инцидентот. Утре се игра финалето на младинскиот Ф4, и ќе играат Еурофарм Пелистер и Мулти Есенс. Тимот од Битола ќе биде ослабен со неиграњето на Самоил Ристевски кој доби скршеница на ногата, откако двајца играчи паднаа врз него.