Привремениот селектор на Србија, Далибор Чутура, го објави поширокиот список на играчи за последните два квалификациски натпревари, против Летонија и Италија, за пласман на Европското првенство 2026.
На списокот кај Чутура партиципираат 36 играчи, од нив 22 настапуваат надвор од Србија, а 14 играчи доаѓаат од српскиот шампионат, односно од екипите на Војводина, Партизан, Металопластика и Динамо Панчево.
Членот на Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш, се најде меѓу потенцијалните кандидати за настап на двата натпревари за време на ЕХФ Неделата.
Србите на 8 мај ќе играат во Летонија, додека на 11 мај во Краљево ќе ја пречекаат репрезентацијата на Италија, која на првата пресметка славеше против „орлите“ со 31:30.
Во 4-та група, Италија и Шпанија имаат по 6 бода, Србија има 4, додека Летонија е без бодови, па така избраниците на Чутура ќе мора да одиграат според посакуваното на двата натпревари.
Како што е познато, пласман на Европскто првенство ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од осумте групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции.