Радовиш со ново засилување пред плеј-аутот, потпиша пивот од Бразил!

Тимот на Радовиш го комплетира ростерот пред важните битки за опстанок во суперлигашкото друштво, а најновото засилување доаѓа од Бразил, дознава 24Ракомет.

Станува збор за 22-годишниот пивот и поранешен младински репрезентативец на јужноамериканската држава, Густаво Паива.

Тој потекнува од клубот Национал, каде играше до крајот на 2024 година, а на почетокот на 2025 потпиша договор со полскиот тим Легионово. Сепак не заигра за овој клуб, а сега ќе се обиде да му помогне на Радовиш во претстојните натпревари.

Претходно Радовиш го донесе Игор Котевски на тренерската позиција, кој ќе соработува со Спасе Ѓорѓиев и Александар Долдуров во стручниот штаб, а меѓу засилувања се десните бекови од Бразил и Србија – Александер Антонио Сантош и Лазар Адамовиќ, потоа молдавскиот лев бек Игор Кисељов, како и Стефан Кочаров, Петар Цветковски, Томче Трајчевски, Ивица Илиев и Славјан Паунов…

Радовиш во моментов е последен на табелата во Супер лигата и по последното коло од регуларниот дел таму ќе остане, па ќе стартува без бодови во разигрувањето за опстанок во елитното друштво.