По непријатната епизода и откако загуби свест на мечот меѓу Алборг и Холстебро од данскиот шампионат, судијата Јеспер Мадсен ќе прекине со активното судење на неодредено време, пишува ТВ2.
Ова беше втор ваков случај во десетина дена за Мадсен, па затоа ќе мора да паузира од ракометните терени, додека не добие дозвола од докторите, а кога ќе биде тоа не е познато.
„Морам да правам испитувања кај специјалист пред да се вратам на терен. Срцето е во ред, а има сомнежи дека некој проблем со увото можеби е причината за ова што се случува. Се надевам дека не е причина некоја алергија, и дека не сум станал алергичен на ракомет“, се пошегува Мадсен.
Неговиот партнер, Мадс Хансен, исто како и претходниот натпревар од Лигата на шампионите меѓу Веспрем и Спортинг Лисабон, сам го отсуди до крај и овој натпревар меѓу Алборг и Холстебро од данскиот шампионат.
Мадсен и Хансен го судеа мечот од СП 2025, меѓу Македонија и Холандија. За нивната арбитража и РФМ поднесе жалба до ИХФ.