Седлоска со деветка се загреа за „Трофеј Карпати“

Екипата на Локомотива Загреб, во која настапува репрезентативката на Македонија, Андреа Седлоска, запиша нова победа во хрватскиот шампионат.

Локомотива Загреб во натпревар од 6. коло од хрватскиот шампионат за ривал го имаше Дуго Село и успеа да дојде до убедлив триумф, кој што беше изразен со десет гола разлика, 35:25.

Македонката беше главна на теренот и натпреварот го заврши како најефикасна, со девет погодоци, шест од нив беа од девет-десет метри.

Седлоска зад своето име запиша и три асистенции и во одбраната одигра на солидно ниво.

Тимот на Седлоска по шест одиграни натпревари се наоѓа на 2. позиција на табелата, на свое конто има десет бода.

Одличната форма на Седлоска треба да го радува и селекторот Кристијан Грчевски, кој утре ќе го одржи првиот собир пред настапот на силниот „Трофеј Карпати“ во романскиот град Клуж.