Селекцијата на Хрватска по лошата партија со Словенија, им се врати на победите и успеа да ја совлада Херманија со 31-26. Хрватите во најголем дел од мечот имаа контрола на теренот и не дозволија Германците да ја наметнат својата игра. Клучната разлика беше направена на стартот на вториот дел и немаше многу дилеми во финишот. Сега Хрватска и Германија имаат по четири бода, пред Шпаниа, Шведска и Словенија со по два, но и меч помалку, па ќе биде интересна битката за четвртфиналето.
На стартот поведоа Хрватите со 3-1, но Германците набрзина се вратија во егал, 5-5. По дваесетина минути, предводена од Мартиновиќ, Хрватска се одлепи на плус три, 10-7, а умешно ја чуваше таа залиха во продолжение.
Михиќ погоди за 15-12 на осум секунди до крајот, но Германците организираа брза акција и Кнор со удар од далечина го совлада Кузмановиќ за 15-13 на паузата. По 17-15, Хрватите ја направија серијата што ќе се покаже клучна за триумфот. Кузмановиќ исто така погоди од гола на гол и Хрватска отиде на плус пет, 20-15. Германците се обидуваа со сите сили, но Гола и Усчинс не можеа сами.
Во последните десетина минути Хрватите искусно ја задржаа предноста, одеа на подолги напади, но немаше промена на резултатот, па по слабото издание против Словенците, сега покажаа дека имаат состав за висок пласман на ОИ.
Гола имаше осум погодоци, а исто толку одбрани запиша и Вулф. Кај победничкиот состав се истакна Мартиновиќ со девет, а по пет гола запишаа Циндриќ, Дувњак и Шоштариќ, додека голманот Кузмановиќ имаше 12 интервенции.