Македонскиот шампион Ѓорче Петров продолжува да го засилува ростерот пред претстојните предизвици на домашна и на меѓународна сцена. „Лавиците“ го добија четвртото засилување во името на хрватската ракометарка Петра Јершек.
23-годишната Јершек игра најчесто на левата или средната бековска позиција, а во дел од кариерата има настапувано и како десен бек. Потекнува од составот на Осијек, каде играше до 2022 година и со кој беше седум сезони дел од елитното натпреварување во Хрватска.
Настапуваше за кадетската и младинската репрезентација на Хрватска, а го имаше и првото интернационално искуство.
Од 2022 година, односно две сезони беше дел од шпанскиот тим Сан Хозе Обреро, кој се натпреварува во елитната конкуренција во Шпанија.
„Се вртам кон новиот предизвик во новиот клуб. Возбудена сум и подготвена за почетокот на новата сезона. Ми беше навистина драго кога слушнав дека таков сериозен клуб како Ѓорче Петров се интересира за мене. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата и дека заедно како екипа ќе ги оствариме зацртаните цели во претстојната сезона“, вели Јершек.
Ѓорче Петров претходно се засили со бековите Јана Калајџиевска и Есма Муратовиќ, како и голманката Флавија Лима Габина.