Женската репрезентација на Словенија испиша историја. Триумфот над Кореја со 30-23 е првиот на Олимписките игри во деби настапот.
Корејките отворија со 3-1, но Словенија се врати во егал набрзина, а потоа и поведе со 6-3 преку Станко. Возврати и азискиот ривал, но избраничките на Аџиќ имаа подобар финиш на првиот дел и заминаа со предност.
Во второто полувреме комплетно беше надигран некогашниот освојувач на медали на ОИ, Словенките погодуваа од сите позиции, блескаше Војновиќ на голот и на крајот победата беше повеќе од убедлива.
Најдобри стрелци во победничката репрезентација беа екс вардарката Мавсар со седум, како и Станко и Грос со по пет гола, а Војновиќ забележа 14 одбрани.
Во составот на Кореја се истакна Канг со пет гола. Сега и Словенија има 2 бода исто колку азискиот тим, а ако слават Германија и Норвешка, сите селекции ќе бидат израмнети по две кола и ќе не чека интересна завршница.