Репрезентацијата на Хрватска имаше победничко отворање на Олимписките игри во Париз, откако славеше против Јапонија со 30-29 со гол во последните секунди на Мартиновиќ.
За хрватскиот „Индекс“, Веселин Вујовиќ го анализираше овој натпревар и работата на Дагур Сигурдсон.
„Многу е тешко на стартот да играш против непозната селекција. Јапонија беше аутсајдер, но како што се потврди, тоа беше само на хартија. Само промената на одбраната и Кузмановиќ во финишот на крајот беа пресудни Хрватска да го добие овој натпревар, според мене незаслужено. Мислам дека реми ќе беше најреално. Сигурдсон дојде во Хрватска како Бог да дојде на земјата. Никој не смее да каже ни еден збор против него. Баш ме интересира што ќе биде сега, затоа што ако некој домашен тренер како Перковац или Хорват вака го отвореше турнирот, веќе ќе беше на столбот на срамот. Но тоа е судбината на тренерите од овој регион“, напиша Вујовиќ во колумната на „Индекс“.
Хрватите ќе имаат уште потежок предизвик во второто коло и ќе играат против Словенија, додека Јапонците ќе се соочат со Германија.