Репрезентативката на Македонија, Ивана Гакидова, која последните две сезони ги помина во турскиот Коњалти, се одлучи за нов интернационален предизвик во својата кариера.
Искусниот кружен напаѓач од лето ќе им се придружи на Јована Саздовска и Јована Мицевска во романската екипа Слатина.
Станува збор за клуб кој што по едногодишна пауза успеа да обезбеди камбек, односно пласман во најквалитетното натпреварување во Романија.
29-годишната ракометарка на меѓународна сцена ги носеше дресовите и на француските Стразбург и Сен Маур, како и на чешкиот Бањик Мост и на норвешкиот Молде.
Гакидова со Коњалти во сезона 2022/23 го освои трофејот во Европскиот Куп. Во Македонија беше дел од некогашните шампиони – Вардар и Металург. Со двата клубови играше на европска сцена.