Ангеловски: Вардар може да чека наш кикс, но нема да го дочека

Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер на гостувањето во Скопје кај Вардар загуби со 24:20 во натпревар од 8. коло од плеј-офот, но и понатаму останува на лидерското место.

Сега разликата меѓу двете екипи е само два бода на табелата во корист за битолскиот тим. Составот на Бранислав Ангеловски до крајот од сезоната го очекуваат неколку незгодни дуели.

Иако Вардар ќе се надева на кикс на битолчани на некои од тие дуели, тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, смета дека нема потреба од паника.

,,Ние натпреварот го изгубивме во 47 минута кога на три напади промашивме за плус два разлика, тоа беше клучот на нашиот неуспех. После големи очекувања доаѓаат и големи разочарувања, ние имавме голема желба да победиме, кога Вардар поведе со три гола разлика ние како да немавме време и самите не верувавме дека може да направиме камбек. Сепак, ќе бидиме прави кога најмногу ќе треба, добра екипа сме и верувам во нашиот успех и шампионската титула. Јас кога прифатив да бидам тренер на екипата им кажав на моите играчи на првиот состанок дека воопшто не ме интересира што се случува во Вардар, дали имаат земено пари, дали има некој проблем во Алкалоид, им реков дека треба да се фокусираме на нашата игра и тоа вроди со плод, а Вардар може да очекува кикс колку сака, но тој кикс нема да го дочека”, изјави Ангеловски.

Еурофарм Пелистер во следното коло од суперлигашкиот плеј-оф за ривал го има тимот на Бутел.

Вардар во игра за титулата – го победи Еурофарм Пелистер, ама ќе мора да чека и кикс на битолчани