Некои родителите се охрабриле да ги кажат и сопствените искуства околу непедагошките мерки на тренерот, а истите биле потврдени и од самите деца. * Молк од претседателот на клубот * Децата заминуваат - турнири се откажуваат * Зошто родители и деца молчат за насилство во клубови?
Уште неколку родители чии деца тренираат во младинските екипи на РК Алкалоид пријавиле кај одговорните во клубот дека и нивните деца имале ситуации во кои тренерот се однесувал спротивно на нормалните педагошки мерки и практики. Со тоа се зголемува бројот на родители кои го кренаа гласот против употреба на физичка сила врз малолетници од страна на тренерите. Но, од клубот сè уште молчат околу тоа колку родители се пожалиле од тренери.
Редакцијата на 24Ракомет контактираше дел од родителите и децата што играат во клубот кои ни потврдија дека неодамна имале состанок со одговорните во клубот, на кој се разговарало за повеќе теми, а една од нив била и насилството врз малолетните играчи. Некои родителите се охрабриле да ги кажат и сопствените искуства околу непедагошките мерки на тренерот, а истите биле потврдени и од самите деца.
Претставниците на клубот на тој состанок ги охрабриле родителите и децата истите случаи да ги пријават.
Досега нема известување од клубот дали и за колку вакви случаеви тие се запознаени.
На почетокот на јуни, родител пријавил во полиција дека неговото дете било удрено од тренерот додека тие се наоѓале на турнир во странство. Откако 24Ракомет неколку денови објавуваше детали за случката и сведоштва на родителите, клубот дури потоа објави дека тренерот Влатко Котески добил тримесечна суспензија и покрената дисциплинска постапка. Досега нема информација дали истата постапка има некој исход.
Во меѓувреме Агенцијата за млади и спорт најави дека ќе бара информација од Ракометната федерација на Македонија за целиот случај, а потоа ќе има и вонреден инспекциски надзор. Здружението на тренери на Македонија за истиот случај зборуваше на семинарот одржан во Охрид, и најави дека во зависност од исходот на случајот тие може да не му издадат лиценца за водење на екипа на Котески.
Молк од претседателот на клубот
Редакцијата 24Ракомет уште пред две седмици испрати прашања до претседателот на ракометниот клуб Алкалоид, Горан Минов околу следните чекори на клубот и дали тие како клуб имаат спроведено анкета или истрага дали случајно има слични инциденти и во другите младински екипи што се под капата на клубот?
И покрај тоа што прашањата за претседателот Горан Минов беа испратени на официјалните клупски електронски адреси (кои се објавени во официјалниот адресар на клубови во РФМ и на официјалната интернет страна на клубот) истите беа испратени и на неговиот мобилен телефон. Тој досега не одговори на ниту едно од прашањата, ниту пак на прашањата кои ги пративме по електронската пошта.
Не интересираше и дали клупската дисциплинска комисија има некаква одлука, дали суспендираниот тренер работи во некоја од ракометните школи на клубот или суспензијата се однесува целосно на неговиот ангажман во клубот?
Од претседателот на клубот немаше ниту одговор дали и други родители на деца што тренерираат во клуб се пожалиле и пријавиле слични инциденти поврзани со истиот тренер (кој е суспендиран)?
Децата заминуваат – турнири се откажуваат
Додека од клубот сè уште не одговараат на прашањата, дел од децата што досега играа таму веќе заминале или најавиле дека ќе заминат и ќе тренираат во други клубови. Моментно е пауза, но повеќето деца во клубот сега го користат периодот да договорат трансфер или спогодбено заминување.
Од извори блиску до клубот дознаваме дека барем до крајот на годината се откажани сите настапи на младите категории на турнири кои претходно биле испланирани. Еден од тие турнири бил оној во Белград, а во план било и патување во Франција, исто така на турнир.
Клубот настапи на турнирот „Марко Божиновски“ во средината на јуни, но со комбиниран тим и со други тренери.
Зошто родители и деца молчат за насилство во клубови?
Направивме една мини анкета меѓу родители кои на трибините отворено разменуваат искуства или сознанија за евентуално насилни тренери кон деца, а кои завршуваат како урбани митови кои се раскажуваат притоа децата остануваат незаштитени. Непедагошкото однесување генерално не се пријавува, велат родителите.
Ниту во клубовите, ниту во полиција досега имало пријава за насилен тренер кон малолетници. Додека некои родители сметаат дека сите мерки што ги превземаат тренери се оправдани, сепак има и такви кои не се согласуваат со физички казни.
Но, зошто се молчи?
Како што велат родителите за да се избегне една поинаква казна врз детето. Односно, родителите не веруваат дека тренерот ќе биде предупреден или казнет, па молчат затоа што се плашат дека потоа нема да го пушта детето да игра на натпревари. Некои родители од оваа причина преместуваат деца во други клубови, затоа што тоа е полесно отколку да се пријави тренер кој применува физички казни.
Можете да прочитате повеќе на темата:
РК Алкалоид се огласи: Суспендиран тренерот Влатко Котески!
Алкалоид не демантира, ниту потврди, дали нивeн тренер физички нападнал малолетен играч во Унгарија
Македонските тренери молчат за нивниот колега што тепал дете
Македонски тренер тепал малолетник на турнир во Унгарија?!