Македонија ја чека сериозен ривал на СП: Бахреин преку Катар и Вујовиќ до злато на Азиските игри!

Машката репрезентација на Бахреин испиша историја и за првпат го освои златниот медал на Азиските игри, откако во драматично финале го совлада Катар со 33-32.

Ова е втор голем трофеј за Бахреин годинава, откако во јануари оваа селекција за првпат во историјата стана и шампион на Азискиот шампионат, па јасно е дека Македонија на Мундијалот во Германија ќе си има работа со сериозен ривал.

Бахреин предводен од шведскиот стратег Роберт Хедин, на турнирот во Јапонија доминираше од самиот почеток. Во групната фаза забележа четири победи, а во четвртфиналето убедливо го совлада Хонг Конг со 37-16. Во полуфиналето следуваше многу потежок тест против домаќинот Јапонија, но Бахреин славеше со 35-31.

Во финалето следуваше нова пресметка со Катар – селекција што ја предводи Веселин Вујовиќ и која ги освои претходните три изданија на Азиските игри и го совлада Бахреин во финалето во 2018 и 2022 година.

Во второто полувреме Катар двапати успеа да се врати во игра, но никогаш не стигна до водство. Бахреин во завршницата имаше 32-31, а потоа следуваше моментот за историја.

На само три секунди до крајот, Ахмед Фадул погоди за 33-31 и практично го реши финалето. Катар успеа да постигне уште еден гол преку Ахмед Мадади, но тоа беше доволно само за конечни 33-32. Ахмед Кадем и Ахмед Џалал беа најефикасни кај шампионот со по седум гола.

Бронзениот медал го освои Јапонија, која во мечот за третото место ја совлада Јужна Кореја со 37-32. Јапонците, на чија клупа седи Тони Херона, исто така се ривал на Македонија на Мундијалот во Германија.

Кај дамите, титулата на Азиските игри отиде во рацете на ракометарките на Јужна Кореја, кои запишаа шест победи, од кои најважна беше онаа над Јапонија со 27-23 во клучниот натпревар.

Паралелно се играа и Јужноамериканските игри, а таму машката и женската репрезентација на Аргентина се искачија на подиумот и ги освоија златните медали.