Барса со рекорд, Веспрем со четири од четири, а шок за Фуксе Берлин

Заврши групната фаза на Светското клупско првенство во Египет, а последниот ден донесе интересни резултати и спектакуларен расплет пред завршницата.

Барселона и Веспрем потврдија дека ќе играат за светската титула, додека за бронзениот медал ќе се сретнат двата египетски гиганти, Ал Ахли и Замалек.

Барселона приреди нова голеада и со 51-15 го декласираше дебитантот Монтaда, остварувајќи ја најубедливата победа во својата историја на ова натпреварување. Каталонците постигнаа дури 36 гола повеќе од противникот, а Даниел Фернандез заврши со 12, Адријан Сола со 11, додека Ѓорѓе Цикуша постигна 10 погодоци. Со три победи од три натпревари и гол-разлика +57, Барса ја заврши групата на првото место.

На другата страна, Веспрем исто така немаше проблеми. Унгарскиот состав со 44-19 го совлада Бурган, за четврта победа во низа на турнирот. Веќе по првото полувреме беше 26-9, а тренерот Чави Пасквал им даде минутажа на сите расположливи играчи. Мате Ганч Пето беше најефикасен со седум гола.

Посебна драма имаше во борбата за меч што носи дуел за бронза. Замалек го совлада Пињеирос со 28-27 во натпревар во кој Бразилците во финишот имаа можност да стигнат до реми, но египетскиот тим успеа да го сочува водството. Акрам Сад беше прв стрелец со осум гола, а Замалек со три победи од четири натпревари го обезбеди второто место во групата А.

Но вистинскиот шок дојде во групата Б. Ал Ахли го совлада Фуксе Берлин со 30-27 и направи големо изненадување против вицешампионот од Лигата на шампионите. Египќаните имаа контрола во најголем дел од натпреварот, а иако Германците во финишот се доближија на само еден гол, Ал Ахли не дозволи пресврт.

Така, за првпат во историјата на ова натпреварување, еден египетски клуб сигурно ќе освои медал, бидејќи Ал Ахли и Замалек ќе се соочат во директен дуел за бронзата.

Во големото финале, пак, ќе гледаме европска пресметка, Барселона – Веспрем. Каталонците ќе ја бранат титулата, додека Веспрем ќе се обиде да стигне до вториот светски трофеј во својата историја.