Првпат редакцијата на 24ракомет организира избор на најдобриот тим на сезоната во женска конкуренција во Македонија. Ќе можете да гласате за најдобрите седум ракометарки по позиции, како и за најдобра млада ракометарка, одбранбен играч и тренер. Во првиот избор во женска конкуренција се вклучени читателите и редакцијата на 24Ракомет.
Откако успешно го спроведовме по петти пат изборот на All – Star Team во машка конкуренција во првенството на Македонија, редакцијата на 24Ракомет како единствен специјализиран спортски портал во Македонија посветен на ракометот реши да организира и избор на најдобриот тим на сезоната и во женска конкуренција. Повторно изборот го правиме во соработка со нашите пријатели од Mozzart .
Во гласањето ќе бидат вклучени публиката преку онлајн гласање, и редакцијата на 24Ракомет. На тој начин ќе ги одбереме најдобрите ракометарки за натпреварувачката сезона 2022/23. Гласањето ќе трае една недела (до недела 11 јуни во 12:00 часот), по што ќе бидат објавени и резултатите.
Покрај седумте позиции – голман, лево и десно крило, лев, среден и десен бек, пивот, ќе избираме и тренер на сезоната во Женската лига, како и најдобар дефанзивец и млада ракометарка.
Редакцијата на 24Ракомет ви овозможи и вие, нашите читатели, да бидете дел од изборот и да гласате за најдобрите ракометарки во сезоната. Ние номиниравме по три ракометарки на секоја позиција од кои ќе биде избрана најдобрата што ќе биде дел од All – Star тимот на сезоната..
Читателите ќе може да гласаат за една од трите ракометарки. При крајното гласање предвид ќе се земат сите добиени гласови. На крајот резултатите ќе се сумираат по принципот 3,2,1, според освоеното место, а потоа вкупниот број на гласови по категории се претвора во поени – 3 (најдобар), 2 (второпласиран), 1 (третопласиран).
Истото ќе биде и при гласањето на новинарите на редакцијата 24Ракомет. Се гласа за трите понудени ракометарки по приципот 3, 2, 1. На крај се направи вкупен збир од двата сегменти (публика/24Ракомет, при што се добива севкупниот победник за секоја позиција).