Со настапот на младинскиот Ф4 ќе се заокружи и заврши уште една сезона. Наместо традиционално за викенд, последните мечеви што решаваат за распределба на медалите ќе се играа во недела и понеделеник. Голем дел од младите ракометари полагаат државна матура денеска (сабота) па затоа има поместување од еден ден на натпреварите. Редакцијата на 24ракомет, како единствен специјализиран медиум за ракомет во Македонија ви ги претставува сите финалисти на Ф4, и преку нивните тренери ги пренесуваме очекувањата.
Своевремено Богданци беше град каде имаше добар машки и женски ракомет. Со време, клубовите ги снема од врвот, но сега повторно се раѓа нова генерација на тренери и играчи кои се подготвуваат да го вратат сјајот на ракометот во тој дел од Македонија. Екипата на Младост од Богданци ќе биде организатор на Ф4 турнирот во младинската лига. Освен домашната екипа, на завршницата кај младинците ќе учествуваат и екипите на Пролет, Голден Арт и Бутел Скопје.
Лани од Богданци неколку млади ракометари веќе заминаа во други клубови во Скопје, но сепак Младост останува место кое создава ракометари.
Иако младинскиот тим на Младост не стартуваше според посакуваното, поради големиот број повредени играчи имаше лош старт, сепак, успеа да оствари солиден резултат во регуларниот дел од сезоната и групата ја заврши на второто место.
Ривали на Младост во групата Б беа: Мулти Есенс, Тиквеш, Куманово, Македонија ЃП, Овче Поле, Текстилец и Јуниор КВ. Младост во четвртфиналето ја доби незгодната Струга и успеа да ја елиминира, откако убедливо го доби дуелот со седум гола разлика, 37:30.
Тренерот Никола Роглев ги сподели своите впечатоци за одиграното во регуларниот дел, и играта на неговите избраници во групната фаза од младинскиот шампионат.
,,Регуларниот дел го започнавме со доста проблеми, односно повредени играчи, дури осум играчи од младинската екипа ни беа повредени и игравме буквално со кадети и пионери и сето тоа резултираше со лоши резултати на самиот старт. Но како се опоравуваа играчите и како тимот се склопуваше, така и пристигнуваа посакуваните резултати. Уште на полусезона по одржаниот состанок со играчите си поставивме цел, во вториот дел да пробаме да завршиме без пораз и тоа и се случи, момците на следните девет натпревари немаа пораз. Најтешко беше да се игра се разбира против Мулти Есенс. Сите екипи во првата четворка од нашата група имаа одредени квалитети, но за место на Ф4 турнирот ниту една од нив, освен Мулти Есенс, не располага со квалитет кој го имаат екипите кои веќе се дел на завршниот турнир”, изјави Роглев.
Желбата на Младост Богданци најпрво е пласман во финалето на Ф4 турнирот, па потоа и освојување на шампионскиот пехар.
,,Пред стартот на младинскиот шампионат тргнавме со амбиции да се пласираме на Ф4 турнирот, а потоа и да пробаме да го освоиме, но повредите ни застанаа на патот, речиси 3-4 месеци цело време бевме без некој играч. Сега во моментов сме комплетни, сите подготвени и желни за остварување на најголемиот успех, а тоа е пласман во финалето и освојување на шампионатот. Во четвртфиналето ја победивме екипата на Струга, која како тим важи за расадник на таленти. Победата над Струга се должи на добрата подготвеност и анализа на нашите играчи, бидејќи речиси две недели претходно се подготвувавме за четвртфиналето и влеговме максимално и тактички и психолошки подготвени за победа и пласман на завршницата”.
Младост Богданци за ривал во полуфиналето ја има екипата на Голден Арт, која во четвртфиналето ја елиминираше екипата на Куманово. Роглев очекува ракометен спектакл во спортската сала „Млаз”, но и вистинско уживање за сите ракометни љубители во Богданци и целиот југоисток.
,,Во полуфиналето го добивме можеби и најтешкиот противник, но за нас е доста познат бидејќи веќе оваа година имаме играно неколку пати и ги имаме и победено во првенството на домашен терен во категорија сениори каде сите овие момци играат и за првиот тим, и секако дека се надеваме на позитивен резултат. Очекувам да биде вистинско дерби и неизвесен натпревар до самиот крај. Нашиот стручен тим го анализираа противникот и се очекува позитивен резултат во полуфиналниот дуел. Конкуриравме и ја добивме организацијата за овој турнир и за тоа главен виновник беше директорот на клубот Каркалашев како и градоначалникот на Богданци. Може да се каже дека Богданци е ракометен град, ракометот овде е традиција и спорт број еден. Едно е сигурно, салата Млаз во недела ке биде исполнета до последното место, капацитетот е 1000 гледачи, а пред полна сала во Богданци во минатото паѓаа европски екипи, атмосферата веќе е вжештена, во Богданци деновиве се зборува само за ракомет и ракомет”.
Тренерот на младинскиот тим на Младост е задоволен од напредокот на неколку младински репрезентативци, кои го носат дресот на клубот од Богданци.
,,Во младинската екипа настапуваат повеќе репрезентативци од помладите категории предводени од Антонио Николоски, тука се исто така и дел кои биле предходно на поширокиот список како Каркалашев, Панов, Чрчев, Наумовски, младиот Атанасов кој е актуелен репрезентативец во генерација 2006, но има и уште неколкумина кои тропаат на вратата на селекторот Стојановиќ и едвај чекаат да започне Ф4 турнирот и да се докажат, односно да ги покажат своите квалитети. Од нивниот напредок сме задоволни, тренерот Митко Стоилов тренира по два пати на ден со нив, сите се редовни, се работи на највисоко професионално ниво, ги имаат сите услови за напредок и сето тоа се докажа и сезонава кога ја подмладивме екипата, која е една од најмладите во Првата лига и успеа да постигне одличен резултат и можеби да не имавме повредени играчи, најверојатно ќе бевме во Супер лигата. Најголем мотив за нашите играчи пред настапот на Ф4 турнирот е тоа што им овозможуваме да играат на домашен терен пред нашата публиката и кога тие играат дома можат со секој да се надигруваат и секој да победат. Според нас, фаворит на хартија на овој завршен турнир нема, бидејќи сите четири екипи се подеднакво квалитетни и нијанси ќе одлучуваат кој ќе игра финале и кој ќе го освои шампионатот во младинската лига”, заврши Роглев.
Полуфиналните дуели ќе се одиграат во недела, додека натпреварот за трето место и финалето се закажани за во понеделник.
Во првото полуфинале, кое ќе се одигра со почеток од 16:30, ќе се сретнат Пролет и Бутел Скопје.
Второто полуфинале го сочинуваат екипите на Младост и Голден Арт. Овој натпревар ќе стартува со почеток од 18:30 часот.
Младост организатор на Ф4, најдобрите младинци два дена во Богданци