Европската ракометна федерација го заврши процесот на избор на новиот Одбор на ракометари, со што играчите добиваат уште поголема и формална улога во структурите на европскиот ракомет.
Новиот одбор ќе брои шест членови – три ракометарки и тројца ракометари. Во него ќе членуваат Ана Грос и Блаж Јанц од Словенија, Андреа Лекиќ од Србија, Вилде Ингстад од Норвешка, Гонзало Перез де Варгас од Шпанија и Расмус Лауге од Данска.
Одлуката за формирање на одборот беше донесена од Извршниот комитет на ЕХФ на седницата одржана на 31 јануари.
Четворица членови беа директно избрани од своите колеги преку гласање кое заврши на 10 август. Во изборот учествуваа вкупно 922 ракометари и ракометарки. Кандидатите беа номинирани од националните федерации, додека право на глас имаа играчи со меѓународно искуство на ЕП, квалификациски натпревари или европски клупски натпревари.
Кај дамите, директно избрани беа Ана Грос и Андреа Лекиќ, додека кај мажите најмногу гласови добија Гонзало Перез де Варгас и Блаж Јанц. Извршниот комитет на ЕХФ потоа го комплетираше составот со Вилде Ингстад и Расмус Лауге.
Одборот на ракометарите е вториот родово рамноправен одбор во структурата на ЕХФ, по Одборот на нациите, кој исто така е составен од три жени и тројца мажи.
Ѕвезди со огромно искуство
Шестмината избрани членови зад себе имаат исклучително богати кариери на највисоко европско и светско ниво, со освоени титули во најзначајните меѓународни натпреварувања.
Ана Грос, словенечки десен бек, во 2024 година ја освои Лигата на шампионите и повеќе од една деценија е меѓу најдобрите стрелци во елитното европско натпреварување. Таа е само петтиот играч во историјата кој стигнал до бројката од 1.000 голови во Лигата на шампионите.
И Андреа Лекиќ е членка на престижниот „клуб 1.000“. Српската ракометарка која играше пет сезони за Вардар ја освои Лигата на шампионите во 2013 година, а истата година беше прогласена и за најдобра ракометарка во светот од страна на ИХФ.
Норвежанката Вилде Ингстад е репрезентативка на својата земја од 2014 година и во кариерата освои златни медали на Европски и Светски првенства, како и на Олимписки игри. Во моментов настапува за унгарскиот гигант ФТЦ.
Кај мажите, Гонзало Перез де Варгас е еден од најискусните шпански голмани. Со Барселона освои дури пет титули во Лигата на шампионите, пред во 2025 година да се пресели во германскиот гигант Кил. Со Шпанија двапати беше европски шампион – во 2018 и 2020 година.
Блаж Јанц, словенечкото десно крило кое настапува за Барселона, има четири освоени титули во Лигата на шампионите – во 2021, 2022, 2024 и 2026 година.
Расмус Лауге е еден од најискусните дански репрезентативци. Тој е олимписки шампион, трикратен светски шампион и двократен европски првак. Последната европска титула ја освои со Данска на Европското првенство во 2026 година.
Играчите добиваат директен глас во ЕХФ
Новиот Одбор на европските ракометари е замислен како директен механизам за претставување на играчите во системот на ЕХФ.
Првиот мандат ќе трае до 2029 година, а се очекува одборот да одржува по два состаноци годишно, заедно со останатите тела на ЕХФ. Првиот онлајн состанок е планиран за 19 или 20 октомври.
Одборот ќе номинира еден машки претставник во Одборот за машки ракомет и една претставничка во Одборот за женски ракомет. Дополнително, доколку биде одобрена идната иницијатива на Конгресот на ЕХФ, еден член на новиот одбор ќе добие и место во Извршниот комитет на ЕХФ.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, истакна дека формирањето на одборот претставува важен чекор кон поголемо учество на играчите во носењето одлуки.
Според него, новото тело е исто како Комисијата на спортисти при Меѓународниот олимписки комитет и треба да им овозможи на ракометарите директно да учествуваат во креирањето на иднината на спортот.
Формирањето на овој одбор претставува продолжување на соработката меѓу ЕХФ и Европската унија на ракометари, но во исто време создава и директен канал преку кој активните и неодамна активните играчи ќе можат да учествуваат во консултативните процеси и носењето одлуки во европскиот ракомет.

























