Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер рутински ја освои групата 4 и ќе игра во полуфиналето на Купот на Македонија. Во Битола пред домашните навивачи „зелено-белите“ беа поуспешни во финалето на четвртфиналната група од Тиквеш со 36-30 (20-17).
Иако кавадарчани се надеваа на сензација и не се предаваа, сепак во текот на целиот натпревар контролата над играта ја имаше Еурофарм Пелистер, особено по воведните минути на второто полувреме кога разликата дојде до високи седум голови.
Гостите со 2-0 го отворија финалниот дуел од групата 4, но единствениот македонски тим кој оваа сезона играше во групната фаза од Лигата на Европа бргу се консолидираше и ја врати мининалната предност во свој посед. Иако битолчани не создадоа повисока предност од три голови до самиот финиш на првиот дел, тие ја контролираа играта, темпото и резултатот. Разликата од гол или два беше доволна за да се пробуди надежта кај Тиквеш дека може повеќе. Сепак не можеа.
Последното израмнување на резултатот беше во 20. минута (9-9). До 29. минута Еурофарм Пелистер имаше „плус четири“, а Симиќ стави точка на првите триесет минути кои му припаднаа на македонскиот вицепрвак со конечен резултат од 20-17.
Онаму каде што застанаа, битолчани продолжија во вториот дел. Го искористија воведот од второто полувреме и за само пет минути создадоа опиплива разлика од седум голови, кои беа доволни за рутинска завршница. Во финишот на натпреварот Тиквеш имаше неколку шанси да ја намали негативата на само четири голови, но Лесјак царуваше на голот на Еурофарм Пелистер и ја угасна последната трошка надеж на противникот за изненадување.
По шеесет одиграни минути Еурофарм Пелистер забележа победа од 36-30 и се пласираше во полуфиналето на завршниот турнир од Купот на Македонија.
Најпрецизен во победничкиот состав беше Ојлески со 8 голови, го следеа Кисум и Хосни со по 5 голови, а 4 постигна Ненад Костески. Кај Тиквеш најрасположен стрелец беше Страхиња Симиќ со 6 голови, додека 5 погодоци постигна Петровиќ.
Куп на Македонија, мажи, осминафинале:
Група 1
Вардар – Охрид 38-30
Јуниор КВ – Скопје 26-28
19/3, 17:00, финале, Вардар – Скопје
Група 2
Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 17-32
Голден Арт – Пролет 25-26
Еурофарм Пелистер 2 – Пролет 26-30
Група 3
Бутел – Алкалоид 24-25
Вардар Неготино – Прилеп 29-28
19/3, 18:00, финале, Алкалоид – Вардар Неготино
Група 4
Струга – Тиквеш 23-28
Куманово – Еурофарм Пелистер 21-33
Тиквеш – Еурофарм Пелистер 30-36