Тие се познато семејство, новинарско, музичко и секако спортско. Ракометот им е во срцето, и ретко пропуштаат важни натпревари. Од ЕП 2012, СП 2015, ЕП 2020.... Огнен е познат текстописец, Соња е позната македонска новинарка, а нивниот син Филип тргнува по стапките на татко му. Тие лани ја напишаа и навивачката химна пред заминувањето на ЕП 2022. Но, кога тие гледаат ракомет тогаш секој има свој коментар, секој го доживува натпреварот со посебна емоција... Овојпат нема да бидат во Краков, но од Скопје силно ќе навиваат за нашите ракометари.. А како тие ги следат натпреварите и што коментираат ќе читате низ нивната рубриkа што ќе се објавува на 24ракомет...
За нас светското првенство во ракомет почна уште за Бадник и Божик. Ги истеравме сите адети со богата посна и мрсна трпеза, за која беше задолжен Огнен (бидејќи не може да ги јаде моите „треви“, како што ги нарекува здравите оброци што ги подготвувам), си посакавме мир Божји и седнавме пред телевизор. Најадени, прзанично расположени чекавме да почне мечот Македонија – Хрватска.
Ги замолив, овој пат без нервози. Празник е, мораме да бидеме духовно издигнати над секоја ситуација. Ова е натпревар од пријателски карактер. Но, кога си толку голем фан на спортот, на ракометот, уште пред почетокот на натпреварот почнавме да го реметиме „мирот Божји“ со различни коментари. А како и поинаку да биде. Патер фамилијас, Огнен, песимист кој никогаш не сака да губи. Секогаш мора да биде во право. Не дај Боже да го побиеш, па дури и со факти. Тогаш се разбеснува и продолжува со анализи и откако ќа престанеме да му контрираме.
„Имам големи познавања од ракометот, можам да бидам аналитичар и да пишувам колумни. Со Хрватска секогаш е тешко. Никогаш не сме биле блиску со нив ни до нерешено. Дури ни во Катар.“ – ја заврши дискусијата.
Можеби има познавања, но кога се фактите во прашање, син ми Филип е во предност. Во секој миг ќе ви каже за пласманот на секоја репрезентација на европските и светските првенстава, за трансфер на играчи, за клубските натпреварувања… Не само во ракометот, туку и во фудбалот, одбојката, кошарката. Понекогаш се чудиме со Огнен, како може во неговата глава да чува толку податоци, да ги надоградува и да не ги заборава.
Разговараме за новините поврзани со Светското првенство. Огнен често ја цитира Билјана Благоеска (ја обожава како остра и луцидна колумнистка). Син ми нѐ бомбардира како и секогаш со најмногу податоци. Но, имам и јас по некој адут. Кога ќе ме прашаат од каде ти е информацијава, им велам: „Штотуку ми пристигна на Вибер, приклучена сум на 2Ракомет“.
Попладнето се јавува братучетка ми Евгенија. Ми вели: „Ќе дојдеме да ве видиме и Огнен да ми ја истретира кичмата.” Моќта е во неговото перо (а тој додава дека Перо се вика и тетин му!), ама и во неговите раце, со кои лечи болка. И велам: „Може да дојдете, ама пред да почне ракометот.” Ми одговара: „Аман бре вие со тој ракомет!“– и се смее. Си знае мојата најсакана сестричка за нашата пасија, ја почитува и не се лути. Дојде со семејството со подароци како Дедо Мраз (тоа секогаш го прави) и си замина пред натпреварот.
Натпеварот почна. Камерата го покажува Дејан Манасков и веднаш коментарот на Огнен: „Ех, каков играч беше Пепи Манасков. Тој уште кога ќе скокнеше, знаев дека ќе даде гол!“ Неверојатно, но на секој натпревар го спомнува легендарниот ракометар. Отткако ќе ја каже беседата за него, ќе почне да го анализира списокот на репрезентативци и задолжително некој му недостасува. Овој пат на тројцата ни недостасува Аларов. За него сме врзани на секаков начин. Учеа во ист клас со син ми од прво одделение. Многу се дружеа. Михо беше наше дете. „Пикер не може да биде слаб како соленка!“ – Огнен коментира еден од новите пикери, кој е замената за Аларов.
Добро се држиме со Хрватска. Со Филип почнавме дискусија дека недостасува Митрески на голот. Следува репликата на сезнајниот текстописец: „Без секого се може.
„Е не е така!“ – му одговараме во ист глас. Како дуо Неделковски.
„Ако, не дај Боже, е повреден Митревски, јас би го земал Борко во Краков. Ни фали искуство на гол линијата.“ – продолжува Огнен, а ние само чекаме да евоцира спомени кога пред 30 години бранел на летување во Баошиќ и фатил три зицери.
Почнавме да ја фалиме играта на Јагуриновски. Повторно реплика: „Е, што толку го фалите, се пробива како мува без глава.“
Во еден момент се погледнавме со син ми. Му шепотам: „Сине, дали гледаме ист натпревар со татко ти?!“- и прснавме во смеа.
Со нетрпение го чекавме финалниот список на Кире за Краков. Не дај Боже навистина да се повредени Митревски, Талески и Цветко (Огнен така го вика крилото Кузмановски). Доцна вечерта стигна информацијата. Хм, прилично чудна одлука. И веднаш рафална забелешка на Огнен: „Со два голмана не се оди ни на тренинг, а камо ли на Светско првенство!“ Ај, да видиме…
Ќе биде возбудливо денеска. Филип најави дека ракометната гледачка тројка ќе се растури. Ќе чека Стара Нова Година кај еден другар, кој е исто така фанатик за спорт. Според Филип ќе играме нерешено со Холандија и ќе ја победиме Аргентина. Вечен оптимист. А, во вториот круг ќе биде полесно, ќе паднат Србија и Алжир, а со Германија ќе се носиме и ќе изгубиме 3 разлика.. Дури и кога реално ги губиме шансите за пласман, во било кој спорт, Филип веднаш ги презентира сите теоретски можности. Се расфрла, со резултати, голови, минутажи, што би било кога би било теории… Не прифаќа пораз.
Патер фамилијас е само со една мисла: „Ќе биде тешко, имаме најтешка група. Мора да падне Аргентина. Само да не се истрошиме со Норвешка, како вообичаено. Џабе е да играш егал 50 минути, кога на крај пак ќе изгубиш со три или 4 разлика.“
А мама Соња, верува во тоа што ќе го каже Кире…
Среќно наши и чувајте ги силите за Аргентина!