Хрватска со убедлива победа ги заврши подготовките за Мундијалот

Репрезентацијата на Хрватска очекувано вечерва во Пореч во последниот натпревар од „Кроација купот 2023“ го совлада Израел со 37:23 (20:10). Со овој триумф Хрватите ги завршија подготвителните дуели пред Мундијалот со три победи во истотолку натпревари.

Исто како и на натпреварот во петокот против Македонија селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват им даде шанса на сите играчи, а двоцифрено водство домаќините имаа по нешто повеќе од 20 минути игра. Во вториот дел домашната репрезентација само го зголеми водството. Најефикасни кај Хрватска беа Иван Мартиновиќ со 8 голови, додека Лука Циндриќ и Игор Карачиќ постигнаа по 5. Кај Израел 8 голови постигна Адир Коен.

За Хрватска остануваат уште неколку дена тренинзи, а селекторот Хорват во вторник ќе го одреди списокот на играчи кои ќе патуваат за Шведска.

Првиот натпревар Хрватите на Мундијалот го играат против Египет на 13.јануари, а потоа следуваат дуелите со САД (15.јануари) и Мароко (17.јануари).