Јубилеј и книга за РК Пролет, клубот кој и ден денес е синоним за ракометна страст и традиција
1.Клубот од Пролеќе прослави 60.лета
Задоцнетиот термин за Седмерецот, денеска има оправдана причина – прославата на 60-годишнината на Ракометниот клуб Пролет и промоцијата на книгата со која се одбележува јубилејот, еден од оние ретките убави моменти во кои се слави ракомет не само како победа и пораз туку ракометот како страст и традиција. А, РК Пролет повеќе од половина век е токму синоним за сето тоа.
Клубот од скопската населба Пролет или Пролеќе по маалски, за сите што некогаш биле дел од него е повеќе од клуб, а ракометот многу повеќе од игра на два гола.
Почетокот на приказната за РК Пролет е таму некаде во 60-те како што ќе рече Душко Кадиевски. Или официјално во 1962 кога група ентузијасти тргнуваат во реализација на идејата – населбата Пролет да добие ракометен клуб. Идејата станува реалност, а клубот станува успешна приказна на скопската и на македонската спортска сцена и со децении – гордост на скопската населба позната по спортот и спортистите.
Низ годините многу ракометари и тренери израснуваат токму во РК Пролет, заминуваат и се враќаат. Она што останува белег на РК Пролет и шест децении подоцна е токму тој ентузијазам, трајните врски, „политиката“ на домашен клуб во кој за домашните играчи секогаш биле отворени вратите, клуб во кој домашните играчи се легендите, клуб од кој излегле најмногу македонски селектори…
Клубот има богата историја, многу моменти за паметење и легенди кои и денес знаат да се соберат на трибините во „Македонско сонце“, да го бодрат или да му помогнат на клубот…Сето тоа се памети и се пренесуваа со генерации, а сега останува запишано и регистрирано и на хартија.
Но, за клубот и за ракометната традиција во Пролеќе, секогаш има уште нешто…и уште нешто, да се спомене, да се присети, да се додаде, да се прикаже.
Како мој придонес за 60-годишниот јубилеј на РК Пролет и во спомен на човекот што беше синоним за клубот, еве и една анегдота што случајно засекогаш ме поврза со клубот од Пролеќе…Не од Мичурин како што го пишав еднаш по грешка. Ама кој да знае дека пречекорувањето на пругата е „смртен грев“ за спортското ривалство меѓу двете скопски маала. А, јас тогаш несмасно, влетав токму таму, на сред пруга и тоа ни помалку ни повеќе со Веспрем заедно.
Еве како одеше приказната…
Беше тоа периодот кога РК Пролет имаше интензивна соработка со славниот унгарски клуб, а Весперм беше толку често во Скопје што некако убаво легна наслов „Веспрем од Мичурин“ и шегата дека Ласло Наѓ бара таму стан под кирија.
И ете ти беља…
Цела населба се крена да ми објасни дека Пролет е од Пролеќе, а Веспрем е со нив „збратимен“ и никако не може да биде во Мичурин. Ама, никако!
И, згора на се, ето го на скали ме сретнува, Горѓи Огњановски – Кокош (иако неговиот наследник не е среќен со прекарот, тоа е дел од традицијата и името кое често било „официјално“ дури и на седници на УО на РФМ, оние старите, отворените), долгогодишниот прв човек и за многумина синоним за РК Пролет, кој не го дочека јубилејот, но денеска исто како да беше тука.
Ми вели Кокош тогаш: „Е, како бе така Мичурин, во текст за Пролет! Грешка, голема грешка…“
Џабе беше објаснување дека тоа било само новинарски „фигуративно“, Кокош никогаш не ми ја заборави „грешката“ и со години на секое видување со насмевка ме потсетуваше дека „Пролет не е од Мичурин“.
Остана анегдотата во наследство, па и сега Сашо Огњановски знае понекогаш да ме потсети „дојди на натпревар, ама во Пролет не во Мичурин“. И, после продолжува приказната за Веспрем и Мичурин, за Ѓуро и за жешкиот терен…
Во поново време знае во „Македонско сонце“ да заигра и по некој Ѓуро за промена, сепак, на крај останува оној стар традицонален белег што го носи РК Пролет и онаа омилената реченица на Кокош со кренат показалец: „ и пишете обавезно дека во Пролет играат само наши деца…“
Пролет го има тоа во аманет. Да биде повеќе од клуб и да го негува ракометот како традиција.
2.Еурофарм Пелистер на гости посигурен
Ракометната традиција се негува и во Битола. На пола-пола е Еурофарм Пелистер по првите четири кола од групната фаза во Европската лига. Пелистерци имаат две победи во гости и два порази во Битола што е помалку невообичаено за битолскиот тим и традицијата на „жешкиот“ терен под Пелистер.
Стартот во новата европска сезона беше помалку разочарувачки за битолчани по оној домашен пораз од данскиот Архус. Но, потоа дојде португалската победа за рехабилитација. Поразот од Фуксе Берлин како главен фаворит во групата беше убедлив, но, не и неочекуван според односот на силите и пехот со повредите. Токму затоа гостинската победа против Мотор во Германија со убава македонска поддршка од трибините, беше и тоа како важна за Еурофарм Пелистер да остане во чекор со горната четворка во групата.
Во втората победа на Еурофарм Пелистер во Европската лига највпечатлив беше токму скандинавскиот белег во битолскиот тим. Данскиот лев бек Себастијан Хенеберг се покажа во најдоброто издание откако го носи дресот на Еурофарм Пелистер и го реши Мотор со неверојатна партија, постигнувајќи 14 од вкупните 30 гола за својот тим, со само едно единствено промашување.
Доволно за Данецот да стане новиот миленик на битолската публика и да добие признание за играта дури и од оние кои гледаа со недоверба на неговата преселба во Битола.
Во она вообичаено одмерување дали се појаки или послаби од лани, мислењата се уште се поделени. Генерално, да не беа повредите и пеховите, можеби и сликата ќе беше многу појасна за тоа колку и што може да постигне македонскиот вицешампион со значително променетиот состав во однос на лани и со новата тренерска визија на Данецот Ларс Валтер. Вака се уште се останува на прогнози и очекувања.
3.Гулицоска како Хенеберг
ЖРК Чаир пак почнува една нова традиција во обид да се врати женскиот ракомет на голема сцена, но и публиката на трибини.
Во токму таква атмосфера во Автокоманда, чаирчанки излегоа на мегдан притив израелскиот Макаби Аразим Рамат Ган, во првиот натпревар од третата рунда во Европскиот куп. И покрај негативниот резултат и оние -3 на крајот, македонскиот претставник остави позитивен впечаток и со играта и со организацијата во нивниот европски настап.
Можеби шансите на Чаир да помине уште една рунда на европска сцена се намалени по поразот, но ќе остане забележана борбеноста, достојниот отпор и оние фантастични 14 гола на Теодора Гулицоска. Слично како 14-та на Хенеберг за Еурофарм Пелистер.
Голгетерската седмица вреди да се заокружи и со онаа ретка 25-ка на левото крило Филип Дабески во прволигашката победа на Драчево против Борец со +38. Бројка со која Дабески влезе во големата тројка на македонската листа на најдобрите голгетери, зад Матилда Атанасовска со рекордот од 33 гола на еден натпревар и Златко Димитровски со два помалку.
И тоа е дел од македонската ракометна традиција.