Ракометарките на Чаир на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа триумфираа во дерби дуелот од 9. коло од Женската лига, со резултат 32:29 и по вторпат сезонава беа подобри од македонскиот вицепрвак.
На овој натпревар судиите Ѓорѓи Василевски и Блаже Михајлов поделија 20 исклучувања, од кои 11 за домаќинките и девет исклучувања за гостинките. Ракометарките на Куманово, Пена Граматова и Сузана Зечевиќ во финишот од дуелот заработија црвен картон.
Натпреварот, кој беше одигран во спортската сала при СОУ „Перо Наков“ во Куманово стартуваше според очекувањата, со голема борба, цврста одбрана и атрактивни потези на двете страни на теренот. До 15 минута од натпреварот, двете екипи се менуваа во водство и ниту една од нив не успеа да се одлепи на поголема предност од еден гол.
По нерешените 7:7, домаќинките, кои во овој дуел беа предводени од Алмеида и Величковска, се одлепија на 9:7, имаа и 13:10 во 25 минута, но Чаир при финишот од првиот дел се врати во игра и не дозволи македонскиот вицепрвак на полувреме да замине со поголема предност
Одлична меѓу стативите беше голманката на Куманово, Грујовска, која во неколку налети не дозволи гостинот да дојде до гол негатива. Во таборот на гостите сѐ одеше преку левиот бек Теодора Гулицоска, а на моменти голманката Којовиќ успеваше колку-толку да го одржи својот тим во игра. Во последните десет минути од првиот дел Куманово беше тимот кој го диктираше темпото и на полувреме заслужено замина со предност од 18:16.
Чаир во продолжението успеа да израмни на 19:19 и во 35 минута со голот на Гулицоска по долго време дојде до водство од 20:19, а минута подоцна Ѓеоргиевска со својот втор гол зголеми на 21:19. Куманово за момент успеа да се консолидира, направи серија од 3:0 и во 40 минута поведе со 22:21. Гостинките одговорија со поголема мера, постигнаа четири гола во низа и во 45 минута дојдоа до ,,плус три” 25:22.
По трите гола предност на Чаир, домаќинот со погодоците на Величковска и Граматова израмни на 25:25. Избраничките на Бастри Љатифи во последните десет минути влегоа со минимална предност од 26:25. Во финишот двете екипи мораа добро да одработат за да дојдат до трите бода. Практично решаваше секој напад и една грешка можеше да значи многу.
Црвен картон во 52 минута поради три исклучувања заработи Пена Граматова и домаќинот беше драстично ослабен бидејќи споменатата ракометарка играше до два правци. Минута подоцна (53′), црвен картон заработи и Сузана Зечевиќ поради груб старт на една од гостинските ракометарки. На речиси пет минути пред крајот резултатот беше нерешен, 29:29. Тимот на Љатифи зголеми на 31:29 и тука веќе завршија сите надежи на домаќинките за барем бод.
Победничката екипа беше предводена од Теодора Гулицоска со 12 погодоци. Во поразениот табор две ракометарки постигнаа вкупно 22 гола. Алмеида Андреза беше стрелец на 12, додека Габриела Величковска додаде десет погодоци во гостинската мрежа.