Ракометарките на Вардар по поразот од Куманово во претходното коло, денес не дозволија уште едно изненадување и триумфираа против Пелистер со 31:26, во натпревар од 9. коло од Женската лига.
Првото полувреме мина во израмнета борба, се играше гол за гол, ниту една од двете екипи не успеваше да поведе со поголема разлика од два гола и да направи поубедлива предност. Откако беше 7:7, гостинките од Битола во 25 минута за првпат поведоа со два гола разлика (9:7), но предноста не ја сочуваа до крајот на првиот дел.
Во 26 минута црвен картон заработи ракометарката на Пелистер, Сандра Корлевска поради груб старт на Сара Стефановска. Тимот на Царчев предводен од Стефановска и Трпевска го презеде водството во финишот од полувремето и на одмор замина со предност од 13:12.
Во второто полувреме се продолжи со исто темпо, двата табора наизменично доаѓаа до голови, а ,,црвено црните” по осум минути игра во вториот дел за првпат поведоа со два гола разлика, 18:16. Битолскиот тим единствено преку Франсоа беше закана за домаќинот, кој во 40 минута ги постави највисоките дотогаш четири гола разлика, поведе со 22:18. Како одминуваше времето беше јасно дека битолчанки ќе имаат тешка задача да се вратат во игра и да се изборат за неизвесна завршница.
Вардарки во последниот период влегоа со осетна предност од шест гола разлика, 27:21. Гостинките немаа сили за враќање во дуелот и му дозволија на домаќинот да направо поголема разлика за поубедлива победа. Пред крајот на натпреварот црвен картон заработи Нина Попова од Вардар откако во дуел со една од гостинките беше невнимателна.
Сара Стефановска со девет и Ивона Трпевска со седум гола беа најдобри во вардаровиот тим. Кај Пелистер единствена светла точка беше Мари Франсоа со девет погодоци.
Во следното, 10 коло, Вардар ќе игра против Чаир, додека Пелистер на свој терен ќе го пречека конкурентот за 4. позиција, тимот на Шампион.