Ракометарите на Голден Арт 2 забележаа триумф на гостувањето во Ресен кај Преспа со 24-19 во натпревар од 6 коло во Првата лига.
Домаќините беа тие што диктираа темпо и поведоа со 5-2, но набрзина следуваше комплетен пресврт на избраниците на Филип Глигоров кои погодија четири пати по ред за 6-5.
Во продолжение се играше гол за гол, но гостите во финишот на полувремето успеаја да стигнат до највисоки плус три, 12-9.
Клучниот период за победникот беше на стартот на второто полувреме. По 13-12, Голден Арт 2 зголеми на 18-12, а тогаш домашните останаа без Филип Шиклевски кој доби црвен картон. Преспа во еден момент намали на минус три, но немаше време за нешто повеќе и гостите остварија победа.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петар Стојаноски со шест и Кристијан Стаменковиќ со пет погодоци, додека кај Преспа се истакна Мартин Табаковски со десет гола.