Ракометарките на Чаир денеска во Косово ќе го започнат настапот на европска сцена. Македонскиот претставник во второто коло од Европскиот Куп за противник го доби шампионот на Косово, тимот на Истогу.
Раководството на Чаир одлучи двата натпревари да ги одигра на гостински терен, па така на вториот дуел ќе биде формално домаќин.
Голманката на Чаир, Аниса Сали смета дека со нејзините соиграчи ќе треба да бидат максимално концентрирани на двата натпревари, бидејќи противникот има поголемо искуство од настапите во Европа.
„Ние треба да бидеме максимално концентрирани и голема почит за тимот на Истогу, бидејќи како екипа има искуство во европските натпреварувања и никако не треба да се потцени. Доколку сакаме да направиме историски успех натпреварите мора да се сфатат сериозно”, изјави Сали.
Денешниот дуел меѓу Чаир и Истогу се игра со почеток од 17:00 часот. Реванш натпреварот, кој ќе се одигра во истиот термин, е закажан за утре. Победникот ќе обезбеди пласман во третото коло од Европскиот Куп.