Дебитантите во репрезентацијата Марко Стојковиќ и Иван Џонов со голови тргнаа во сениорскиот тим,
Лесно и доминантно со убедлив триумф против Луксембург, 38-24 (18-7) одигра Македонија на стартот од квалификациите за ЕП 2024 година. Новите „момчиња“ на чии плеќи сега почнува да паѓа целиот товар во репрезентацијата имаа успешен старт покажувајќи и мотивираност, пожртвуваност и прецизност.
Фаворити бевме во дуелот со Луксембург уште пред почетокот на средбата, но како одминуваше натпреварот сите ракометари добија шанса да играат, и ја искористија довербата на селекторот Кирил Лазаров. Разликата во квалитетот беше очигледна, во корист на Македонија која ја покажа својата „свежа крв“ и квалитет.
Во истата квалификациска група за пласман на ЕП 2024 со Македонија и Луксембург се уште и Португалија и Турција.
Долго време им требаше на нашите ракометари да „скокнат“ на 13 гола разлика. Филип Кузмановски во 45 минута првпат и ја донесе дотогаш највисоката разлика на Македонија. Но, тука не застанаа. Прво Марко Стојковиќ со својот дебитантски „сениорски“ гол зголеми на 31-17, а потоа и Мартин Серафимов пак зголеми на „плус 14“ за 32-18. Тоа беше дефинитивниот знак дека предноста на крајот ќе биде двоцифрена во наша корист. Дебитантски настап имаше и Иван Џонов кој исто така постигна гол.
12.10.2022 Македонија Луксембург (квалификации ЕП2024)
За 20 минути Македонија направи резултатска предност со која си ја осигура својата победа, а притоа им даде на знаење на гостите дека овие млади момци кои сега го носат „црвено-жолтиот“ дрес имаат квалитет за кој допрва ќе се слуша и гледа.
Тргнаа силно напите ракометари и брзо поведоа со 3-0 искористувајќи ги почетните грешки на ривалот. Единствено во 11 минута Луксембург намали на 6-4, а потоа почна целосната доминација на Македонија. Успеаја само малку да се понадеваат гостите дека ќе издржат под налетите на Македонците. Но, кратко траеше тоа.
Тогаш проработе и голманот Никола Митрески кој имаше две одбрани во серија, потоа уште една, а Македонија веќе водеше со 9-4. Во 20 минута од мечот Македонија водеше со 14-4 како најава за победа па и за убедлив триумф.
На Луксембург не му дозволивме да постигне гол цели 14 минути, и во тој период ние веќе отидовле на 16-4. Единствените дилеми што остануваа се со која гол разлика ќе заврши натпреварот.
Цветан Кузмановски, Филип Куамановски и Мартин Серафимов постигнаа по 5 гола на мечот, а четири даде Игор Ѓорѓиев. Хофман И Вердел постигнаа по 4 гола за Луксембург.