Екипата на Голден Арт го доби градското дерби против Јуниор КВ, со резултат 36:34, во натпревар од 6. коло од Суперлигата. Клучен за триумфот на Голден Арт и освојувањето на новите три бода беше периодот од 20 до 30 минута, кога домаќините успеаја да се одлепат на два-три гола разлика и во ниту еден момент во вториот дел не дозволија Јуниор КВ да се врати во игра.
Со новата, трета победа, Голден Арт дојде до девет бода на свое конто во групата Б и сѐ уште останува во игра за пласман во плеј-оф фазата, бидејќи има бод помалку од Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2, екипи кои се наоѓаат на четврто, односно трето место во групата Б.
Јуниор КВ во дуелот, кој што беше одигран во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ влезе со голема мотивација за да дојде до првата победа. Првите дваесетина минути минаа во изедначена игра на двете страни, но екипата на Јуниор КВ во поголемиот дел од првото полувреме беше почесто во водство, но не повисоко од еден гол. И двете екипи не одиграа на високо ниво во одбраната во првото полувреме.
Кон средината на првото полувреме беше 8:8, а на дваесетина минути пред финишот на првиот дел повторно нерешено, 10:10. Избраниците на Матлиески од 20 минута, па сѐ до крајот на првото полувреме заиграа поангажирано и беа подобриот противник на теренот. Голден Арт со два гола во низа се одлепи на 12:10, во неколку наврати имаше и плус три гола разлика (16:13, 17:14) и пофокусираноста на домаќините пред крајот вроди со плод, па така на полувреме Голден Арт замина со предност од 18:15.
Домашниот тим за неколку минути игра во второто полувреме зголеми на највисоките, до тој момент, четири гола разлика, 19:15. Следуваше период, во кој Голден Арт константно беше во предност од четири гола разлика, а гостите успеваа да останат на негатива која им беше гаранција дека во продолжението ќе можат да се надигруваат. Во 45 минута резултатот беше 27:25 за ракометарите на Матлиески, кои со искусниот Илиев не дозволуваа гостинот да направи пресврт.
Играта гол за гол продолжи и во последните десет минути се влезе во неизвесен финиш, бидејќи ракометарите на Јуниор КВ намалија на 29:27. Сепак, Голден Арт успеа да ја подобри играта кога најмногу требаше и на речиси седум минути пред финишот се одлепи на 32:28. Јуниор КВ немаше ниту идеја, ниту време да го загрози водството на ривалот и мораше да се задоволи со поразот.
Најефикасни во победничката екипа беа Ивица Илиев со 12 и Мице Шилегов со девет гола. Во поразениот табор се истакнаа Никола Матовиќ со 12 и Дарио Симоноски со осум гола.