Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска со првиот собир ги стартуваше подготовките за настапот во квалификациите за ЕП 2024.
Избраниците на Кире Лазаров на 13 и 16 октомври ќе играат против Луксебург, односно Турција, во рамки од квалификациите за ЕП. Нашата репрезентација во квалификациите ќе игра и против Португалија.
Левиот бек Филип Талески, кој има одлични настапи за македонскиот шампион Вардар смета дека Македонија има голема шанса да обезбеди пласман на континенталниот собир во Германија и да го продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања.
,,Не очекува нов квалификациски циклус, идејата и целите на оваа репрезентација остануваат исти, без разлика, кој е во составот или списокот и мислам дека заслужуваме да играме постојано на големите натпреварувања. Според мене имаме една солидна група и тоа е голема можност да го оствариме тоа што го имаме зацртано и да се пласираме на Европското првенство. Има доста измени во однос на минатите квалификации, го немаме Кире Лазаров, Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски, кои беа предводници и мотиватори, но сега дојде моментот кога младите треба да бидат главните на теренот, тоа го имаме сфатено и покажавме во неколку наврати дека може да го носиме тој товар на нашиот грб. Сите играчи сме спремни, играме сите во своите клубови и треба само добро да се уиграме. Во денешниот ракомет нема фаворити, бидејќи сите знаат да играат ракомет”, изјави Талески.
Натпреварот меѓу Македонија и Луксембург ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ на 12 октомври од 19:00 часот, додека двобојот со Турција е на програмата на 16 октомври од 16:00 часот.