Македонската интернационалка Савица Мркиќ продолжува со своите одличнии партии во италијанскиот шампионат и во новата сезона.
Ракометарката од Македонија и нејзиниот тим Ериче во натпревар од 2. коло од италијанскиот шампион триумфираа против незгодниот состав на Местрино со седум гола разлика, 27:20 (11:8).
Екипата на Ериче во првото коло беше подобра од Понтиниа со 33:28 и со новите освоените бодови од дуелот против Местрино, моментално, се позиционираше на 3. позиција на табелата.
Мркиќ и на двата дуели беше на висина на задачата, против Понтиниа беше стрелец на шест погодоци, додека против Местрино беше најефикасна со девет гола, со што ја потврди формата од минатата сезона, во која составот на Ериче ја освои 6. позиција и за само неколку бода не успеа да избори пласман на европска сцена.
Во следното, трето коло, Ериче за противник го има поранешниот шампион на Италија и еден од главните фаворити за освојување на титулата, Јоми Салерно, кој во минатата сезона заврши на 2. позиција.