Од Холандија со пофалби за Банцалиски: Голем талент за големи достигнувања…

Екс ракометарот на Партизан Гевгелија и Младост Богданци, Ѓорѓе Банцалиски во оваа сезона настапува за Динамико, клуб кој што е предводен од искусниот стратег Дамир Јосиповиќ.

За младиот ракометар, кој има 20 години и кој настапува на позиција среден бек, интерес имаше и од Германија, Белгија и други држави, но тој одлучи кариерата да ја продолжи во Холандија.

Банцалиски веќе дебитираше во дресот на Динамико на пријателските натпревари против Пелт и против една од најдобрите екипи во Белгија – Бохолт и се покажа во одлично светло.

„Јас сум тренер веќе 21 година, но ретко сум видел таков талент и играч за големи достигнувања. Со Банцалиски комуницираме на хрватски и македонски јазик, бидејќи двата јазика се слични”, изјави тренерот на Динамико, Дамир Јосиповиќ за холандскиот портал „БД“.

Динамико игра во најквалитетната лига во земјата каде што има голем подем во машкиот ракомет. Доказ за тоа се одличните резултати на холандската репрезентација, која е ривал на Македонија на Светското првенство во 2023 година кое ќе се игра во Шведска и Полска.

Младиот ракометар во минатата сезона заврши како трет стрелец во Првата лига со вкупно 175 погодоци. На дел од прволигашките натпревари не беше во составот на Партизан Гевгелија. Со трансферот на Банцалиски во Холандија, Македонија доби нов интернационалец во новата сезона.