Македонските кадетки не го остварија мундијалскиот сон, а нервозата на селекторот предизвика и дополнителен кошмар
1.Лоша карта за четвртфинале
„Премногу го посакувавме четвртфиналето и игравме само на таа карта. Ризикував, малку играчи го носеа товарот, но тоа беше цената што бев подготвен да ја платам за пласман во четвртфинале…“ – рече меѓу другото, македонскиот селектор Љубомир Савевски во една од изјавите по тешкиот пораз од Германија на Светското првенство (У18) на кое Македонија е во улога на домаќин.
Е, па изгледа игравме на „погрешна карта“ на уште едно големо натпреварување за млади категории организирано на домашен терен. Женската кадетска репрезентација на Македонија наместо во посакуваното мундијалско четвртфинале на кое беше ставен целиот влог, сега ќе игра за 11.место и тоа со тешко бреме на притисок, истрошеност, голем умор и уште поголема разочараност. А, згора на сето тоа, уште и натоварена со дополнителна тензија и нервоза, непримерни пцовки и измешани мајки…
Македонските кадетки не го остварија мундијалскиот сон, а нервозата на селекторот и бесот истурен на младата репрезентативна голманка предизвика и еден дополнителен кошмар. Се, за едно банално погрешно додавање, кое во еден ваков меч тешко и дека можеше нешто драстично да смени, со онаа чудна топка без лепак која паѓа од рака…
Зошто сето тоа?!
Па, мајките на овие наши деца репрезентативки ви се најмалку виновни за поразот за да ги пцуете и да го поганите националниот дрес. Да, поразите и промашувањата секогаш носат нервоза, уште повеќе кога целта ќе остане неостварена, а проценката погрешна наспроти големите очекувања и медалите во најава.
Но, ударот е на погрешна страна исто како и „влогот на една карта“. А, за тоа не се виновни децата, уште помалку мајките.
2.Каде се тие, каде сме ние
Добриот старт не донесе и добар финиш на мундијалот за најнадежната македонска ракометна репрезентација. Оваа репрезентација не случајно е потенцирана како „најнадежна“, бидејќи лани во приближно истиот состав со повеќето од овие ракометарки една година помлади, Македонија го освои ЕХФ шампионатот во Литванија отворајќи една убава перспектива. Македонија, во приближно истиот состав во ланското финале во Литванија ја победи репрезентацијата на Исланд, а една година подоцна на СП (18) во Скопје на кое Исланѓанките влегоа како прва резерва – бевме немоќни. И Исланѓанките се со приближно истиот состав од лани (ако добро избројав, со десетина исти ракометарки) исто како и Македонија и токму затоа можеби овој дуел е и најиндикативен за споредба иако овие две натпреварувања се од различен ранг.
За една година, тие отишле значително напред, а ние стоиме во место. И се пцуеме во немоќ кога потоа Германија ќе не прегази со двоцифрена негатива.
Ајде настрана пцовките кои ич не се за оправдување, ама да ги побараме и оние другите грешки, реални, фактички и тактики. Впрочем, само седум дена претходно, пофалбата за селекторот и за македонската кадетска репрезентација беше токму тоа покажување и укажување на грешките и во победите, во обид да се оди уште посигурно напред. Сепак, се работи за млади ракометарки кои има уште многу што да научат.
Каде се изгуби сето тоа во само неколку дена? Претпоставувам, во резултатите и во судирот на очекувањата и можностите, притисокот “ве сакаме на подиум“, лажната слика по доминацијата во единствената прелиминарна група со неевропски противници…
Од една страна изјави „добро работевме, добро сме физички подготвени“, од друга страна фрлено се на една карта и главниот товар на 7-8 ракометарки, свесно жртвувани и тие што се преморија и оние што не мрднаа од клупа за по секоја цена да се стигне до четвртфинале. Секој сака победи и успеси, тоа ич не е спорно. Но, да не заборавивме малку дека сепак овде се работи за млади ракометарки и за кадетско првенство на кое, ДА, целта е успех, а успехот се мери со победи и со пласмани, но целата е и развој и напредок, а не само докажување и жртвување!
И не се тука ни најмалку виновни мајките и шајките, туку проблемот ни е во работата, во односот, во пристапот и во тактиката, во селекцијата, па ако сакате и во одлуката да се фрли се на една карта.
3.Тешки зборови, лесно кажани
И поразот со -12 од Германија не е само од тоа едно несреќно додавање по успешните десет одбрани кои можеби пак не спасија од уште поголема двоцифрена катастрофа. Се надевам дека некој го нотира и тоа, пред да се покрие и ова „мајки шајки“ за да не се наруши идеалната слика, вистинскиот избор – каде беше ти досега и повисокиот интерес пред Европското во ноември.
Од искуство, овде кај нас секој нерешен проблем свесно турнат во „небитен“, после тројно ни се удрил врз глава. Сто пати досега сме го „јаделе тој камен“.
Темпераментот на клупа некогаш знае да биде добар поттик, но кога јазикот е побрз од мозокот, знае да биде и проблем. Уште повеќе кога се работи за млади играчи.
Барем Савевски тоа добро го знае од искуство. Тешките зборови некогаш лесно кажани, некогаш лесно „накалемени“ на неговиот темперамент, и неколку пати претходно ја засенуваа неговата стручност и скапо го чинеа и со Кометал ЃП во пакет со женската репрезентација во 2008 и со машката репрезентација две години подоцна. А, незиоставно, горчлив впечаток оставаат и сега по синоќешната „нервозна епизода“.
Инаку, бидејќи во ракометот кај нас чувствителни сме на вербалните истапи и одбрана на угледот на македонскиот ракомет, во краен случај има и еден Член 37 во Правилникот за државните ракометни репрезентации на Македонија. Бидејќи углед и чест, не е само ложата, туку се и мајките што родиле репрезентативци, што ги израснале, што можеби од уста издвојувале и вложувале во нив и во нивните кариери и имаат право да се радуваат и да се горедеат со своите деца во националниот дрес, а не да трпат пцовки и навреди од нервозни тренери.
Лоша порака, уште полоша слика за ракометна Македонија.