Машката младинска репрезентација има победа и реми по првите две кола на ЕХФ шампионатот што се одржува во градот Варна во источниот сосед на Македонија.
На првиот меч со Украина покажавме низа слабости, но дел од нив беа коригирани на вториот натпревар со селекцијата на Косово. Стручниот штаб имаше шанса да ги испроба сите ракометари, и сите се запишаа во листата на стрелци, а пофалби заслужуваат и двајцата чувари на мрежата, Брестовац и Галевски, кои беа на ниво на двата меча.
Во следните натпревари не очекуваат битки со многу посериозни репрезентации, Романија и Швајцарија. Швајцарците имаат и поискусен состав, бидејќи поголемиот дел од ракометари се 2002 година, за разлика од нашата селекција, каде само тројца-четворица се младинци, а останатите се кадети.
Швајцарија беше убедлива против Украина и славеше со десет гола разлика, 34-24, па јасно е дека е фаворит за првото место во групата. Денеска ќе имаат соочување со Романија, па македонскиот стручен штаб ќе може да види со какви квалитети располагаат нашите следни противници.
Без разлика на резултатот од дуелот меѓу Швајцарија и Романија, Македонија мора да брка победа над Романија за да остане во игра за место во полуфиналето. Нашите младинци ќе имаат доволно време да се подготват за следните натпревари. Против Романија играме во среда од 14:00 часот, а в четврток во истиот термин ќе се соочиме со Швајцарија.