„Кралско“ испраќање за Кире Лазаров во Нант, почести и огромна почит за Филип Миркуловски во Вецлар - две македонски легенди викендов ги одиграа последните натпревари во исклучителните кариери
1.Почит и признанија од Франција до Германија
Две македонски легенди во два дена, во две земји ракометни велесили, ги одиграа последните натпревари во своите кариери и беа испратени со огромна почит. Впрочем, се работи за Кирил Лазаров и за Филип Миркуловски, за нив поинаку не може ни да биде!
Франција и Нант беа последната станица во импресивната и исклучително богата кариера на Кирил Лазаров, по многу достигнувања и единствена во ракометната историја. Крај на патот што македонскиот бомбардер сигурно го чекореше четврт век со илјадници голови, безброј асистенции, мајсторски седмерци, недостижни рекорди… Како куриозитет ќе остане запишан официјално последниот меч против ПСЖ во Париз – со пораз и без гол, потполно спротивно на се она што беше Лазаров на терен во изминатите две и пол децении. Но, вистинското испраќање за „златната македонска 7-ка“ всушност беше она „кралското“ на 7 јуни во Нант.
Малку посеверно, Вецлар во Германија беше дестинацијата на која застана Филип Миркуловски. Токму таму пред пет години застана и големиот Ивано Балиќ. Жути тогаш дојде во Вецлар да го замени славниот хрватски ракометар и како и секогаш, достојно си ја заврши работата. Германците тоа знаат да го препознаат и да ги задржат најдобрите. Така, крајот за Жути во Вецлар воедно е и нов почеток. Таму каде што стави крај на играчката, таму во исто време ја почнува тренерската кариера. Бундес лигата е признание и предизвик сама по себе.
Ракометниот свет им оддаде почит и признание како што заслужуваат Лазаров и Миркуловски. Две легенди различни по својот стил и по својот ракометен пат, но секогаш поврзани со онаа најсилната заедничка нишка – македонската репрезентација и сето она што го направија заедно за неа во изминатите години.
Македонија тоа не смее никогаш да го заборави. И токму затоа пред некое време реков дека за испраќањето на играчите од оваа генерација не е доволен само оној врамен дрес. Треба многу повеќе, токму како што ги испочитуваа во Франција и во Германија.
2.Големиот Кирил Лазаров – во Македонија е „наш Кире“
Како некој кој ја имаше таа ретка чест и привилегија да работи, но и да расте и да дише заедно со оваа извонредна генерација, овие ракометари и овие кариери за мене имаат посебна вредност. Нема да ги повторувам фактите и бројките што сите ние добро ги знаеме – дека Кире Лазаров е најдолговечниот капитен и најголемиот лидер на македонската репрезентација, дека бил единствен селектор и играч во ЛШ во исто време, дека е најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите, дека е прв и единствен што ги обединил рекордите по бројот на постигнати голови на европските и на светските првенства…
Наместо тоа, решив да свртам некои посебни моменти кои биле споредни, но исто така битни и можеби уште поиндикативни дека оние што ги знаеме како големи играчи на терен, всушност и пред сè се големи луѓе.
Во мојата колекција имам три посебно омилени македонски дресови – два жолти од Кире и еден црвен од Филип.
Оние жолтите се симбол на рекордите. Едниот е од СП 2009 во Хрватска, Кире Лазаров го носеше кога стана најдобар стрелец во историјата на светските првенства. Вториот е од ЕП 2012 во Србија, оној во кој со знамето околу врат Кире Лазаров го славеше најголемиот успех на македонската репрезентација и неговиот втор голем рекорд – најдобар стрелец во историјата на европските првенства и единствен сопственик на двата рекорди заедно. Еднаш оној жолтиот дрес од Задар го носев во фан зоната во Белград пред да падне вториот рекорд. Неколку навивачи од „фалангата“ го забележаа, дојдоа и ме замолија само да го допрат левиот ракав…Тоа не се заборава, дури и кога некогаш можеби ќе се заборави и бројката со која падна рекордот!
Некој ден потоа, на радост на фалангата, Кире Лазаров урна уште еден голгетерски рекорд, Македонија стигна до историскотото 5.место, а јас се вратив дома со уште еден драгоцен жолт дрес.
Третиот, за жал, никогаш не ја докомплетира колекцијата. А, беше ветен. Требаше да биде жолтиот со број 7 од Олимпијада…
Гледајќи го кралското испраќање што му го приреди Нант на „кралот на стрелците“ , а неколку дена потоа и последниот официјален натпревар и „премотувајќи“ низ изминатите дваесет и кусур години наназад, од илјадниците одиграни натпревари еден никогаш не го заборавив. Не, не е оној шампионскиот со Барселона во Келн, не е ни оној со Словенија за 5.место во Белград, ни оној трагичниот со Данска за полуфинале…Мечот на кој секогаш се сеќавам е дуелот на Сиудад Реал со Фленсбург во ЛШ.
Беше септември 2010, деби на Кире Лазаров во Шпанија во дресот на тогаш големиот шампион. Го паметам поради тремата и исчекувањето и гордоста и олеснувањето на крај. Се слушнавме за изјава пред натпреварот. На сред разговор во шега ми се закани – „имаш трема повеќе од мене, да знаеш ќе ти исклучам…“. На крај, тремата добро испадна. Кире Лазаров постигна осум гола и беше прв стрелец во победата на Сиудад Реал. И покажа дека е уште еден вистински избор на Талант Душебаев кој тогаш го преврте светот додека не го донесе во својот тим македонскиот голгетер. Така почна големата шпанска авантура во кариерата на македонскиот капитен. И затоа тој меч некако остана посебен до ден денес. После него веќе броевме само „дос дигитоси“…
Што мислите зошто големиот Кирил Лазаров, страв и трепет за секој противник на терен, во Македонија секогаш бил само Кире? Затоа што за Македонија секогаш бил како што бил за неговата мама Милка – син со кој се радува и се гордее нацијата, нејзин и наш во исто време. Некој што никогаш не се откажуваше и секогаш и на тие околу себе им даваше сила да истраат и да не се откажа кога ќе дојдат „до линијата“.
„Не сега, ни требаш…“ , знаеше да каже и секого да го „врати во игра“ кога ќе почувствува дека „се лизга надолу“. Додаваше топка и подаваше рака кога треба и на терен и во соблекувална и надвор од неа. И затоа „кралот Кирил“ беше „наш Кире“. И заслужи токму такво „кралско“ испраќање какво што му приредија Французите, а се надевам, ќе му приреди и Македонија.
Лазаров внимателно го бираше својот пат во играчката кариера, траеше долго и не погреши. Верувам дека така ќе биде и тренерски, бидејќи ако некој живее со ракометот, тоа е токму тој. Искрено верувам и дека и во наредниот четврт век Лазаров ќе продолжи да испишува уште многу моменти за паметење.
3.Жути му е второ, борец му е трето име
На Филип Миркуловски, ако Жути му е второто име, тогаш за трето во рамноправна битка се – верност и борец. Човекот што „става глава каде што друг не пушта рака“, играч кој има совршена контрола на топката, кој ќе се жртвува и по цена на своите колена, играч што носи смиреност и сигурност, што не вели „не“ кога треба да се помогне.
Беше разигрувач на онаа младинска генерација од 2002 што имаше „пенал за финале“ стигнувајќи до најголемиот репрезентативен успех. Беше неизоставна и важна алка потоа и во најдобрата македонска репрезентација која го проби патот и го подигна рејтингот на македонскиот ракомет на европската и на светската сцена.
Жути беше столбот и душата на Металург во периодот на најголемиот подем на ракометот во Автокоманда. Стоечки ги издржа и славните, но и кризните времиња во клубот на кој му беше верен 12 години. Замина кога веќе немаше друг излез, но остана коректен до крај. И најмалку што можеше да му врати клубот за верноста беше почитта кон дресот со бројот 13 за сè што даде Миркуловски за Металург. Но, во системот на изместени вредности и луѓе вртелешки, дресот што беше повлечен во чест на Жути, по некое време срамно беше вратен во сетот за да му се исполни желбата на Словенецот Давид Шпилер кога дојде во Автокоманда.
„Го прашавме Жути, рече нема проблем“, се сеќавам, тогаш бледо се правдаа од тогашното раководство на Металург.
Па, зарем очекувавте Жути да направи проблем за тоа?! Тој никогаш не бил некој што паѓа на такво ниво, колку и да е „фаулот“ неспортски.
Металург не може да го избрише минато, но верувам еден ден ќе ја поправи грешката и ќе му го оддаде заслуженото, а невнимателно одземено признание на Филип Миркуловски. Има пример од Германците во Вецлар како се почитуваат вакви играчи и личности.
А, што се однесува до нашата драгоцена репрезентативна колекција, оној црвениот дрес е токму 13-та на Миркуловски. Тој дрес ќерка ми го побара за роденденски подарок кога имаше 10 години, Баге ни го обезбеди, а потоа немаше соблекување цел јануари додека Македонија играше на ЕП во Данска…Филип Миркуловски беше секогаш омилен лик, а неговиот дрес беше нешто вредно што го посакуваше секое дете.
Секогаш за пример. Тоа се тие ракометни легенди…