Ракометарките на Вајперс Кристијансанд ја одбранија титулата европски шампион откако славеа во финалето на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите против Ѓер со 33:31.
Голема заслуга за одбраната на европската титула имаше средниот бек, Марта Томац. Репрезентативката на Норвешка успеа да ја освои втората титула во Лигата на шампионите со актуелниот шампион од Норвешка.
Искусната ракометарка, која на почетокот на својата кариера настапуваше во Бјасен, смета дека клучот за победата против унгарскиот гигант била цврстата одбрана и изолирањето на главните играчи од Ѓер.
,,Мислам дека одлично го почнавме натпреварот, секако, тие успеаја да се изборат за егал завршница, но, нашата екипа повторно ја зацврсти одбраната. На натпреварот одигравме паметно и во одбрана не излегувавме премногу, гледавме да ги затвориме главните играчи, и во најголем дел од натпреварот функциониравме со тој стил на игра. Како екипа одигравме доста квалитетно”, изјави Томац за 24 Ракомет.
31-годишната ракометарка е ќерка на поранешниот репрезентативец на Хрватска, Жељко Томац, а во старо-новиот европски шампион настапува со хрватската репрезентативка, Ана Дебелиќ. Томац смета дека со Дебелиќ го имаат балканскиот темперамент во скандинавскиот тим.
,,Секако, со мојата соиграчка, Ана Дебелиќ, го имаме тој балкански темперамент во оваа екипа, инаетот во нас. Тоа добро доаѓа за Норвежаните за сѐ да им биде под конец (се смее). Јас се чувствувам и како Хрватка, но и како Норвежанка, и во комбинација со мојот темперамент, мислам дека сум доста мирна во играта и тоа е квалитетот што денес беше важен”, заврши Томац за 24 Ракомет.
Вајперс ја одбрани титулата – го тресна Ѓер среде Будимпешта