Ѓорче Петров пак е шампион, Вардар пак е оној стариот
1.И дамите заслужуваат почит, господа!
И по хронологија и по доминација со одбрана на двете круни, Вардар, логично, треба да биде прв пред другите за оваа седмица. Но, јас малку ќе ја свртам работата и овој пат ќе им дадам предност на дамите.
Можеби затоа што шампионската титула на ѓорчепетровки годинава има и многу симболика. А, можеби и затоа што титулата во женска конкуренција е малку запоставена и три дена по доделувањето, не знам зошто, остана „незапишана“ на официјалната страница на РФМ.
И дамите заслужуваат почит, господа!
Можеби ќе се сетите следниот пат кога ќе ја прокнижите не така незначителната сума за родова еднаквост во спортот во милионскиот буџет, дека тоа не е само декларативна ставка, онака, колку за да се помине редот, туку е нешто што се почитува и што доследно се применува.
Втора работа е што сите што направиле успех, уште повеќе кога станале шампиони на Македонија, треба да бидат достојно испочитувани од националната федерација токму како што доликува.
Да, медалите и шампионските пехарите беа доделени на највисоко ниво и тоа и треба да биде така. Но, исто така, не смее да недостасува ни информацијата. Не е трагедија, нормално, но некако го минимизира успехот на клубот што станал шампион. А, таков пропуст најуспешната спортска федерација, едноставно, не смее да си дозволи!
Ѓорчепетровки се новите македонски шампионки. ЖРК Ѓорче Петров е клубот со најголеми успеси во македонскиот женски ракомет и клубот со најмногу титули во македонскиот ракомет воопшто. Годинава, на прославата од јубилејната 20-годишнина од европската шампионска титула на Кометал Ѓорче Петров, Трифун Костовски одлучи на новиот ЖРК Ѓорче Петров да му го предаде шампионското наследство на стариот ЖРК Кометал Ѓорче Петров.
И се погоди, новиот „Ѓорче Петров“ само неколку дена потоа, да додаде уште една нова шампионска титула, вкупно 18 во богата низа на клубот што прв го стави македонскиот ракомет на европската шампионска мапа.
И за сето тоа, не може ли да се напишат барем десетина реда и официјално да се одбележи шампионската титула како што треба и да се испочитува успехот на клубот што носи традиција?! Па, ви се молам…!
Велат – од сите зрна во оризот, ти камчето го вадиш… Е па, ако не го истребиш со време, од камчето може да се задавиш, не од оризот!
2.Вардар ги одбрани титулите, Борко ги зеде пехарите
Вардар и официјално, ја одбрани шампионската титула, ја сочува двојната круна и одново ја потврди доминацијата.
Ако сакате низ бројки – седма во серија, јубилејна 15-та шампионска, јубилејна 40-та титула севкупно во 61-годишната историја на најголемиот бренд и најтрофеен клуб во Македонија.
Во прилично турбулентна сезона, со многу неизвесност во најава уште пред стартот, со депониран милион во ЕХФ како гаранција за да може да се натпреварува…Вардар на крај успешно ја исплива сезоната, ја преброди големата криза, ја сочува традицијата, ги одбрани титулите и го продолжува континуитетот во Лигата на шампионите. Целта е остварена, помалку или повеќе…
Тимур Дибиров во една прилика рече: „Не смееме да бидеме со главата долу. Ако сакаме да бидеме шампиони, ние мора и да се однесуваме како шампиони“.
Така некако и беше со Вардар сезонава. Кренаа глава и продолжија шампионски.
И она што е посебно важно за „црвено-црните“ – Вардар го врати стариот препознатлив дух што е посебен белег на клубот со традиција, со децении наназад.
А, со години наназад во Вардар се востанови и една друга традиција – капитенот да им го препушти пехарот прв да го подигне некој од играчите што добива посебна почест. Беше Игор Карачиќ, потоа беше Иван Чупиќ, а оваа година пехарите ги подигна Борко Ристовски. Претходните двајца тогаш си одеа од Вардар, Борко останува… Да не е сега нешто друго е во најава?!
3.Легендата за Тимур и Вардар
Од оние најискусните, во црвено-црниот дрес останува и Тимур Дибиров. Иако во еден момент имаше најава за разделба со Вардар, на крај сепак, Тимур реши да остане во клубот и во Македонија каде го најде својот втор дом.
„Верувајте, јас сум посреќен и од клубот Вардар и од навивачите затоа што не сакав да си одам…Среќен сум како мало дете што останувам, затоа што за мене Вардар е повеќе од клуб, за мене Македонија е мојот втор дом и сите оние луѓе што ме поддржуваат за мене многу значат“ – ќе рече легендарниот руски ракометар.
Изјавата на Тимур ме врати девет години наназад кога дојде прв пат во Скопје „да види како е…“. Беше гостин на клубот дојден да гледа еден од натпреварите на ЖРК Вардар, тогаш во најголем подем. Појавата на славниот руски репрезентативец на трибините во „Борис Трајковски“ не остана незабележана, а не беше ни случајна. Јавноста веднаш „намириса“ дека тука нешто големо ќе се случува.
Се сеќавам, се видовме тогаш по натпреварот, и јас го „потпрашувам“ што навака. Со насмевка, онака непосреден ми рече – „Слушам многу за Македонија, дојдов да видам како е. И се ми се допаѓа. Кој знае, еден ден може да останам овде…“
Набрзо по таа „гостинска посета“, Тимур Дибиров навистина дојде во Вардар и беше првата најава за големиот шампионски проект. И остана и кога два пати случајно го погоди метална паричка во глава – „ма, не е тоа ништо, јас ги сакам навивачите“, остана и кога фати кризата и останува и сега во новата вардарова пост-Келн ера на залезот на својата кариера.
А, кога една светска ракометна легенда ќе каже дека е среќен како мало дете што останува во клубот, па од тоа нема поголемо признание за сите оние трајни вредности во спортот и за тоа што значи Вардар!