Еден од првите македонски тренери кои добија Мастер Коуч лиценца, Борче Марковски, реши да го продолжи својот претстој на Фарски Острови. Битолчанецот во новата сезона ќе го предводи амбициозниот проект на Аргир.
Марковски на Фарски Острови две сезони беше тренер на сениорскиот сосав на СТИФ, а покрај тоа под негова контрола беа и младинските тимови на клубот.
Во сосема иста функција ќе биде во новиот предизвик, па така се очекува искусниот тренер од Македонија да има многу работа на островската земја каде што ракометот е во експанзија.
Марковски во својата кариера беше тренер на екипите на Жито Прилеп, Преспа, како и на машкиот и женскиот тим на Пелистер. Пред да се пресели на Фарски Острови, две години работеше во школата на Кире Лазаров, КЛ7.
На репрезентативно ниво беше селектор на младинската репрезентација на Македонија и успеа младите македонски репрезентативки да ги однесе на Европското младинско првенство во Словенија во 2017 година.