Одлуките на РФМ се прогласени за ништовни, и македонската федерација ќе мора да му плати и парична сума на Арбитражниот Суд. Начевски докажал дека бил осуден без доволно докази и дека наместо РФМ да докаже дека тој направил престап, тој морал самиот да се брани и да докажува дека не го направил делото. Арбитражниот суд на ЕХФ утврдил дека процедурата што се водела пред првостепената комисија на РФМ била со недостатоци и дека поради тоа истата не може да се смета за валидна.
Познатиот македонски ракометен работник Марјан Начевски се враќа во ракометот, откако ја доби правната битка против Ракометната федерација на Македонија што се водеше пред Арбитражниот Суд на ЕХФ.
Со едногласна одлука Арбитражниот Суд на ЕХФ ја укина и прогласи за ништовна пресудата на Дисциплинската комисија на РФМ со која Марјан Начевски беше доживотно исклучен од РФМ. Исто така РФМ ќе треба да плати и парична сума бидејќи го загуби процесот што се водеше.
Одлуките на Арбитражниот суд се конечни и на нив нема право на жалба. Тоа значи дека Марјан Начевски повторно ќе може да биде дел од РФМ и да биде номиниран како делегат на натпревари, а исто така и да продолжи да биде делегат на меѓународни натпревари во организација на ЕХФ и ИХФ. РФМ ќе мора да ја почитува одлуката на Арбитражниот Суд на ЕХФ бидејќи се членки на европската куќа на ракометот.
Правниот процес пред Арбитражниот Суд на ЕХФ се водеше последните неколку месеци, а Начевски докажа дека бил осуден без доволно докази и дека наместо РФМ да докаже дека тој направил престап, тој морал самиот да се брани и да докажува дека не го направил делото. Арбитражниот суд на ЕХФ утврдил дека процедурата што се водела пред првостепената комисија била со недостатоци и дека поради тоа истата не може да се смета за валидна. Арбитражниот суд утврдил и дека има ингеренции да решава за случајот бидејќи се исполнети сите услови за тоа.
„Помина безмалку една година, многу притисоци, нетрпение… но сепак пресудата пристигна – вистината победи. На 22.04.2022 година, Арбитражниот суд при ЕХФ во Виена едногласно ја донесе следнава пресуда:
⁃ одлуката со бр. 09-213/1 на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ од 07.05.2021 година се прогласува за ништовна;
⁃ одлуката со бр. 10-227/1 на Комисијата за жалби при РФМ од 21.05.2021 година се прогласува за ништовна, ни потврди Марјан Начевски кој своевремено беше и генерален секретар на РФМ.
Начевски во мај лани беше исклучен од РФМ по пријава на Мирјета Бајрамоска, член на УО на РФМ и поранешна репрезентативка. „Како причина за поднесената пријава наведени се вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, од страна на пријавениот, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчите, и други личности прозвани во отсуство, за време на меѓународен репрезентативен настап, на кој пријавениот присуствувал без соодветна акредитација, пишуваше во соопштението на РФМ испратено до јавноста.
Во истото соопштение РФМ вели: „Македонската ракометна федерација е легитимно призната од високите ракометни авторитети, ЕХФ и ИХФ, а целта на оваа раководна гарнитура е примена на највисоките стандарди во работењето со квалитетен, компетентен и високо професионален кадар. Ова раководство на РФМ од 2013 година, исклучиво работи врз основа на важечките акти на РФМ, ЕХФ и ИХФ, а почитувањето на сите позитивни правни прописи е основен императив во целокупното функционирање“.
Заедно со одлуката за исклучување на Начевски од РФМ, на пријава на Славе Николов, комесарот за натпреварување беше исклучен и Агрон Хајредин. Но, тој после неколку месеци беше „помилуван“ а за тоа немаше никакво соопштение од федерацијата. На одлуката на Дисциплинската комисија на РФМ се жалеше Начевски, но и Второстепената комисија на РФМ ја потврди одлуката. Потоа Начевски реши правдата да ја бара пред Арбитражниот Суд во Виена.,
„Поднесов жалба против Одлуката на Првостепената дисциплинска комисија до второстепената, односно Комисијата за жалби при РФМ, меѓутоа истата ми беше одбиена како неоснована, а одлуката на Првостепената дисциплинска комисија потвдена. Се двоумев неколку месеци околу понатамошните чекори, меѓутоа по иницијатива на семејството, луѓето од моето окружување и долгогодишните пријатели од европската па и светска ракометна сцена, во септември 2021 година, одлучив сепак правдата за целиот овој случај да ја побарам на Арбитражниот суд при ЕХФ (Европска Ракометна Федерација) во Виена. Оние кои ме познаваат, знаат колкав вљубеник сум во ракометот и колку се имам вложено себеси за афирмирање на македонскиот ракомет во светот, па дефинитивно не заслужив да го напуштам на овој начин, вели Начевски кој уште во мај ја објави својата верзија на случајот со факти кои потврдуваа дека тој бил „жртва на еднострана изјава на Бајрамоска, без соочување и без сведови“.
Правдата можеби некогаш е бавна, но секогаш стигнува, ни изјави Марјан Начевски потврдувајќи дека Арбитражниот Суд донел одлука во негоа корист.
Начевски: Жртва сум на еднострана изјава на Бајрамовска, без соочување и без сведоци