Начевски: Жртва сум на еднострана изјава на Бајрамовска, без соочување и без сведоци

Поранешниот генерален секретар на РФМ, Марјан Начевски тврди дека е жртва на еднострана изјава на Мирјета Бајрамовска без соочување и сведоци и отворено прашува: * Зошто дури 14 дена подоцна е поднесена пријава, а не веднаш ако навистина била толку револтирана * Зошто немаше соочување и повикување сведоци за наводната расправија, а имаше сведоци во сала кои можат да го потврдат спротивното * Зошто дисциплинската комисија не дозволи да се запознам со обвинувањата, да ја видам пријавата, зошто го немаше генералниот секретар на сослушувањето, а тоа е според Статутот на РФМ *Ноторна лага е дека сум му се заканувал на претседателот на дисциплинската комисија

Откако РФМ донесе одлука да казни двајца ракометни работници, меѓу кои и Марјан Начевски, поранешниот генерален секретар на РФМ, меѓународен судија и делегат, и комесар во Регионалната СЕХА лига објасни дека тој всушност е жртва на еднострана изјава на Мирјета Бајрамовска. Тој објасни во детали за што бил повикан на сослушување во РФМ, како минало тоа сослушување и зошто смета дека е ова хајка против него без издржани аргументи.

Тој најави дека ќе поднесе тужба за клевета против Бајрамовска за измислениот наводен инцидент и вербален конфликт. Начевски во својата изјава ги демантираше обвинувањата што се упатени кон него и за одлуката на првостепената комисија на РФМ:

„На 4 мај 2021 година, добив писмо по пошта од РФМ во кое се вели дека сум повикан на 7 мај 2021 година за да дадам изјава пред дисциплинската комисија на РФМ, за наводна вербална расправија меѓу мене како гледач, и бившата репрезентативка Мирјета Бајрамоска (вработена во компанијата на претседателот Мукаетов) исто така како гледачот, што се случи по завршувањето на квалификацискиот натпревар Македонија – Литванија, за време на квалификацискиот натпревар Грција и Исланд, одржан на 20 март 2021 година во Скопје,

Именуваната од непознати причини за мене, дала изјава дури после 14 дена од тој натпревар, дека настанал инцидент меѓу нас, што не е точно, за што има неколку сведоци кои седea во близина на нас кои не сакам да ги именувам бидејќи еден дел од нив се инволвирани во РФМ како вработени или како лица кои работат во некоја селекција, за да немаат последици. Се прашувам, ако имаше инцидент како вербален дуел меѓу нас, како што наведува Мирјета Бајрамоска, зошто чекала 14 дена да поднесе пријава, а таа пријава не ја поднела следниот ден ако беше толку револтирана?

Како може да напише во пријавата дека: „СЕ СВРТЕ КОН ТРИБИНАТА ВО КОЈА Е ЛОЖАТА И ПОЧНАА ВУГАРНО И ГЛАСНО СО ПОГРДИ ЗБОРОВИ ДА ВИКА, ДА ГИ НАВРЕДУВА И ОМАЛОВАЖУВА РАКОВДСТВОТО НА РФМ, РФМ И ДРЖАВАТА ВО ЦЕЛИНА“. Како можам да се свртам кон ложата кога никој не беше присутен во неа, ниту на некој му беше дозволено да седи во ложата заради пандемијата. Зарем ова не е доволно лага напишана од Бајрамоска за да бидам жртва на нејзината изјава и да бидам доживотно исклучен од Ракометната федерација на Македонија (моето трето дете, бидејќи имам потрошено повеќе пари од мојата приватна фирма отколку вкупните за целиот мој живот потрошено на моите две деца заедно) ???

Јас уредно се јавив на повикот од дисциплинската комисија на РФМ, каде беа присутни само двајца членови, претседателот Димитар Ристовски, искрено никогаш не сум го видел на некој натпревар да присуствува како гледач? И Драги Огненоски, го видов во два или три наврати заедно со претседателот на РФМ, г-дин Мукаетов. Ми беше соопштено дека третиот член, Влатко Мицев, е болен и нема да присуствува на состанокот. Јас извадив личната карта за да се легитимирам, за што ми рекоа те знаеме, не треба, но тие тоа не го сторија. Претседателот ја отвори седницата, ја прочита пријавата на Мирјета Бајрамоска, за што после читањето, побарав да ја видам (што не ми беше дозволено). Потоа побарав копија од пријавата и образложение за можното дело за кое сум обвинет, за да видам кој член сум го сторил тоа за да ја подготвам мојата одбрана и затоа побарав 5-минутна пауза за да ги добијам документите што ги барам. Го побарав ова за да можам да го одложам рочиштето за друг ден за да можам да ангажирам адвокат и да ја подготвам мојата одбрана. (Бидејќи во пријавата што го добив и одлуката за поведување дисциплинска постапка, немаше објаснување за што се поведува дисциплинска постапка, немаше образложение за што се товарам, по кој члeн и какви санкции се предвидени по тој члeн, иако ние бевме само како гледачи на тој натпревар, а не во функција на ракометот).

Дотогаш целата дискусија беше на коректно ниво. По паузата, претседателот отиде во канцеларијата на генералниот секретар Филип Милошевски, и по 5 минути кога се врати во големата сала во РФМ, започна да зборува со повисок и провокативен тон „АЈДЕ ДАЈ ИЗЈАВА АКО САКАШ, АКО НЕ ДАВАШ ДА ЗАВРШИМЕ? ”. Јас одговорив дека прво треба да ги добијам копиите од пријавата и одговорот за што се товарам, на што тој ми одговори: „ЌЕ ГИ ДОБИЕШ НА МЕИЛ“. Инсистирав повторно, но залудно. Потоа, побарав да го повикам генералниот секретар на РФМ, кој, според Статутот на РФМ, мораше да присуствува и, во согласност со членот 65 од Статутот на РФМ, да се грижи за законското работење на РФМ и нејзините тела и да учествува на состаноците на комисиите и другите тела и ограни во давање совети и толкувања. Ако тој не е во можност да присуствува, да се утврди неговата замена. Потоа, ја прашав Валентина, која работеше како оператор на РФМ, дали може да го покани генералниот секретар да дојде на состанокот. Таа одговори дека тој заминал. Бидејќи моите барања беа одбиени, побарав сè да се внесе во записникот и да добијам копија од записникот.

Ми рекоа дека не можам да ги добијам записниците на лице место и дека ќе ми бидат испратени по емаил. Јас инсистирав записникот, кој треба да го потпишат двајцата присутни членови на комисијата, да ги добијам од мене и од записничарот, но не го добив. Во неколку наврати, контактирав преку официјалниот емаил за да ми испратам записник, но досега не е направено, не знам од кои причини? По неколку часа, наместо записник, добив решение од РФМ за доживотна суспензија од Ракометната федерација на Македонија, во кое беше изнесена ноторна лага, сум му реков на претседателот на комисијата: „ќе те колам“

Во времето кога јас станав генерален секретар на РФМ, ракометот беше спорт број 8 во нашата земја. Еден од најголемите спонзори на федерацијата во тоа време бев јас со мојата приватна компанија. За ваша информација во тој период од државниот буџет добивавме околу 5.000 ДМ годишно до 1996 година, така што во последните 4 години добивавме околу 20.000 евра. Со голем ентузијазам и работа заедно со луѓето што беа во УО, постигнавме ракометот да стане спорт број 1 во нашата земја во 1997 година, што го има и денес. Како генерален секретар, останав на таа позиција до март 2013 година.
Знаете дека како судија, делегат-контролор на ЕХФ и ИХФ и делегат на ЕХФ и ИХФ во ракомет на плажа, имам повеќе од 1.000 натпревари и секогаш ја претставував Македонија достоинствено и доследно, на најголемите европски и светски првенства, како и две Олимписки игри.

Дали заслужив да го напуштам ракометот на овој начин како жртва на еднострана изјава на Мирјета Бајрамоска, без никакво соочување и повикување на сведоци на сослушувањата пред дисциплинската комисија на РФМ, нека оцени македонската јавност. За наводно монтиран инцидент и вербален судир, ќе покренам тужба за клевета против Мирјета Бајрамоска, вели Начевски.

Ригорозни казни на РФМ: Исклучување за Марјан Начевски и Агрон Хајредин