Селекцијата на Данска го освои бронзениот медал на Европското првенство во Унгарија и Словачка, откако славеше против Франција по продолженија со 32-35. Данците иако беа без првата ѕвезда Микел Хансен, кој е повреден, а во текот на мечот останаа и без Гидсел, сепак на крај стигнаа до бронза.
Во првите десетина минути најчесто се играше гол за гол до 5-5, а потоа повратникот во составот на Французите, Мае, заедно со Лене, иницираа серија од четири гола за плус четири, 9-5.
Како одминуваше времето, така Данска се враќаше во игра и стигна до реми, 13-13, но Фабрегас погоди во последните секунди за минимална предност на пауза за Франција, 14-13. Двајцата голмани, Жерар и Ландин, беа одлични и собраа дури 24 интервенции (по 12) во првиот дел.
По 18-17 на стартот на вториот дел, пикерот Јенсен, стрелаше три пати во францускиот гол и Данска не само што поведе првпат на мечот, туку стигна и до плус три, 18-21. Беше и 19-22, но по тајм-аутот на Жил, со две бомби на Мем и гол на Конку, Франција набрзина се врати во игра за 22-22. Потоа се играше гол за гол, се разгореа страстите на теренот, имаше и пенали и исклучувања.
Во последните пет минути се влезе со резултат, 28-27, а Данците пропуштија две прилики и со двајца играчи повеќе да израмнат. Но тоа им успеа од трет обид, а потоа Жерар го запре и ударот на Јакобсен за водство на Данска.
Грешките во францускиот напад продолжија, а една од нив казни Сван на почетокот на последната минута за 28-29 за Данска. Мем израмни на триесетина секунди до крајот, па Јакобсен викна тајм-аут. Менсинг не успеа да погоди во последниот обид и мечот мораше во продолженија.
Во првото продолжение Данците набрзина постигнаа три гола за 29-32, но Мае во последната секунда намали на 30-32. Беше потоа и 30-33, а Ричардсон намали на 31-33, сепак Лауге стрелаше за 31-34 и веќе немаше време за нешто повеќе.
Во составот на Данска, незадржлив беше холм со десет гола, додека Киркелоке даде пет, а Ландин имаше 18 одбрани. Кај Франција, Жерар собра 17 интервенции, а најдобри стрелци беа Мае со осум и Деска со седум гола.