Репрезентацијата на Норвешка успеа да го освои петтото место на ЕП откако славеше против Исланд со резултат 34:33 во 70 минути надигрување, кое беше проследено со голем број на подеми и падови на двете репрезентации, бидејќи после 60 минути резултатот беше 27:27.
Во воведниот дел од натпреварот се играше израмнето, додека во продолжението, Норвешка имаше контрола на резултатот. По нерешениот резултат од 3:3, избраниците на Кристијан Берге со три гола во низа преку Солстад, Гуликсен и Сагосен, дојдоа до три позитива, 6:3. Исланѓаните на крилата на Виктор Халгримсон, кој до првата половина од првиот дел имаше шест интервенции, се вратиja во игра и со серија од 2:0 намалија на минус еден, 5:6.
На серијата од два гола на Исланд, Норвешка возврати со 3:0 и за 17. минути игра, нејзиното водство беше плус три гола разлика, 9:6. Репрезентацијата на Исланд никако не можеше да најде решение за расположените Солстад и Гуликсен, кои речиси беа непогрешливи во првото полувреме за норвешката репрезентација. Норвешка до крајот на првото полувреме константно беше во водство од два до три гола разлика, а по 30. минути игра резултатот на полувреме гласеше 16:12 во корист за Норвешка.
Ракометарите на Гудмундур Гудмундсон за пет минути игра во вториот дел постигнаа три гола во серија и намалија на еден гол негатива, 16:17. Во тој момент се очекуваше дека Исланѓаните ќе го направат повозбудлив натпреварот, но нивниот блесок експресно беше прекинат. Норвешка повторно дојде во ситуација да постигнува лесни погодоци и веќе во 40. минута имаше активен резултат од плус четири позитива, 22:18.
Поради груб прекршок, црвен картон доби ракометарот од Норвешка, Себастијан Бартолд. Исланд целосно ја искористи дадената прилика и падот во норвешкиот тим. Во 48. минута, Магнусон го изедначи резултатот за 24:24. При нерешен резултат од 25:25, Исланд пропушти шанса да дојде до долго очекуваното водство. Сепак, на речиси четири минути пред крајот се влезе во егал завршница бидејќи двете репрезентации не искористија неколку напади.
Исланд во 58. минута конечно дојде до водство, поведе со 27:26, а за само неколку секунди, Норвешка израмни на 27:27. Ракометарите на Исланд направија грешка во последниот напад. Останаа уште петнаесетина секунди за Норвешка. Во обидот да постигнат брз гол, Норвежаните ја изгубија топката, а ракометарот на Исланд, Јонсон не успеа да стави крај на драмата откако со шут од далечина го промаши празниот гол на Норвешка.
По 60. минути игра резултатот беше нерешен, 27:27. Тоа значеше дека натпреварот ќе влезе во продолженија. Во првите пет минути од продолженијата се влезе со ист ритам и главно се играше гол за гол. Првиот дел од продолжението не даде јасен знак кој ќе победи бидејќи резултатот беше повторно израмнет, 30:30.
Во вторите пет минути игра повеќе среќа имаа ракометарите на Норвешка. Исланд не искористи неколку напади, додека во последната секунда, при резултат од 33:33, Рајнкинд успеа да погоди и да и донесе на својата репрезентација петто место на Европското првенство.
Со победата против Исланд, репрезентацијата на Норвешка обезбди директно учество на Светското првенство следната година. Исланд ќе мора преку бараж натпреварите да се бори за Мундијалска виза.