Екипата на Шампион за пролетниот дел од сезоната ангажираше две ракометарки од Спартак.
Во таборот на Слободан Чивлачки ќе пристигне кадетската репрезентативка на Македонија, Јана Велигденова, која игра на позиција десен бек, како и голманката, Ивана Станчева.
Се работи за две талентирани ракометарки кои ќе бидат од огромно значење за составот на Шампион, кој во продолжението од сезоната ќе игра во плеј-аут фазата откако во регуларниот дел од Супер лигата не обезбеди пласман меѓу првите четири екипи во својата група.
Двете ракометарки во својата кариера настапуваа за повеќе скопски клубови. Јана Велигденова беше дел и од екипите на ЖРК Алушовски и Металург, додека Станчева бранеше во кадетската екипа на Вардар, односно младинскиот тим на Металург. По настапите во Автокоманда, Станчева продолжи во ЦЕМС. Од 2021 година настапуваше за Спартак.
Натпреварите од плеј-аут фазата ќе стартуваат на 13 февруари. Шампион во првото коло ќе се соочи со екипата од Битола, Феникс АМС.