Приказната што почна точно пред 10 години на ЕП 2012 Србија, за најуспешната македонска репрезентација деновиве продолжува на ЕП 2022 во Унгарија
1.Сè уште „се крстиме“ во истите светци
Куферите спакувани, еуфоријата подгреана, желбите и очекувањата складирани… Неизвесноста надвиснатa во новата пандемиска реалност. Така некако е во овие јануарски деновиве пред ЕП за 24 најдобри европски ракометни репрезентации, меѓу нив и за најдобрите македонски ракометари, но и за сите оние ракометни фанатици кои ни сите протоколи, ни ПСР-и нема да ги спречат да бидат со својата репрезентација на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка.
Јануари е. Време е за ракомет. Одиме на европско…
Машката ракометна репрезентација на Македонија за три дена го почнува седмиот вкупно, а шестти настап во континуитет на континенталните шампионати.
Како да беше вчера, а поминаа точно 10 години од оној прв во новата ера и дефинитивно единствен и незаборавен настап на машката ракометна репрезентација на Македонија на ЕП 2012 во Србија. Оттогаш па се до денес не се повтори ни тоа 5.место ни меч на полуфинале, но најуспешната македонска репрезентација остана десет години во континуитет дел од европската ракометна елита на сите шест европски првенства по ред.
Некои ликови се сменија, некои се сè уште тука. Македонија и тогаш во Србија и сега во Унгарија, главно, „се крсти“ во Кире Лазаров, како лидер на оваа репрезентација на терен, а сега и како лидер и селекторски на клупа.
Се крстиме и во Филип Миркуловски, вратен да помогне, да поигра барем уште малку, да не вади ако загусти и да истурка уште некој натпревар, онака „на глава“ како што знае само тој… Да ги охрабри помладите и да им покаже како го прават тоа старите искусни борци.
И Жути како и Кире овој пат ќе ја предводат Македонија во двојна играчко-тренерска улога. Играчки веќе во „зрели“ години, тренерски, такаречено, уште „во пубертет“. Прв пат за нив, прв пат и за нас. Ретко на голема сцена и уникатно на ова Европско првенство.
За Македонија значајно и за сега и за во иднина.
2.Што не очекува и што очекуваме?
Македонската репрезентација во овој комбиниран состав, со оној „дежурен“ израз – спој на младост и искуство, на ова ЕП не се вбројува меѓу фаворитите дури ни во прелиминарната група во Дебрецин. Таа улога во групата однапред им припаѓа на Данска и на Словенија, а Македонија и Црна Гора се во „другата половина“. Но, „црвено-жолтите“ иако не се запишани фаворити, дефинитивно ќе бидат голема непознаница за противниците.
Што имаме, а што ни недостасува?
Македонската репрезентација речиси секогаш била стабилна меѓу стативите. „Министерот“ веќе не е во составот, но Никола Митревски со своите паради веќе на големо ја воодушевува ракометна Европа, а Мартин Томовски е одлична дополна. Тука горе-долу ситуацијата е безбедна и ако им тргне добро може да биде и решавачка. Се разбира, со добро поставена и дисциплинирано реализирана игра во одбраната. Во спротивно не само Никуч и Мартин, туку и Ландин да брани не може да не спаси!
На пикерската позиција во подготовките имавме и „вишок“, па не би требало ни на ЕП тука да бидеме „покуси“ иако, генерално, повредата на Марковски и настинката на Пешевски во подготовките малку ги изместија работите.
На крила сме горе-долу стандардни, со малку потешка задача на левата страна успешно да се надополни отсуството на Дејан Манасков и неговата улога за брза реализација.
Но, нападот во ракометот го креира бековската линија и тука е клучот, товарот и предизвикот. Филип Талески и Филип Кузмановски веќе не се ни најмлади, ни неискусни. Ја имаат одговорноста на себе и довербата да се профилираат во носители на играта на македонската репрезентација сега и во наредните десет години кога Кире и Жути ќе можат мирно тренерски да си седат на клупа и да маневрираат зад линијата.
Сепак, на ова ЕП, најголема и можеби клучната „непозната“ за македонската репрезентација е прашањето – Што може да извлече Лазаров како селектор од помладите играчи во составот и колку селекторот Лазаров ќе го користи во игра Лазаров капитенот?
Во една изјава во текот на подготовките Лазаров истакна дека ќе биде среќен ако остане само на клупа, но дека има подготвена тактика и за другата ситуација.
3.Малку носталгија, малку еуфорија…
Дали ќе има „друга ситуација“ или среќна 13-ка, ќе видиме веќе на првиот натпревар со Словенија во четврток. Според сите проценки за Македонија најважниот од сите три мечеви во првата фаза и потенцијално, најсигурна виза за главната рунда на ЕП. А, тоа е примарната цел, која богами, и не е баш лесно остварлива во овој натпреварувачки систем и со овие противници.
Впрочем, не ни оди во прилог ни искуството од последните три големи натпреварувања. На претходното ЕП 2020 во Австрија, Македонија прв пат од сите досегашни пет настапи, не стигна до втора фаза…
Предизвик повеќе и за стручниот штаб и за играчите да покажат дека промените се реални, правовремени и ефектни. А, ракометна Македонија и овој јануари да се крене на нозе.
Ова е веќе еуфоријата…стоп!
Еуфоријата сега не е многу пожелна, притисок била… Некогаш пак на неа туркавме. Ама тогаш едвај крпевме крај со крај и редовно фалеа гаќици или тренерки, во „Кале“ беше грч ладно, а во автобусот за Ниш „фуреше“ од сите страни. Но, никој не се жалеше, а Македонија славеше…Јануарска носталгија, не замерувајте.
Сега е 2022, не е 2012 (ех, камо да беше…). Денес се други времиња. Македонската репрезентација одработе подготовки по сите стандарди, има три стимулативни подготвителни победи, држи безбедна дистанца, лета со чартер до Дебрецин. Има убава дополнителна стимулација и парична награда за втора фаза, не само крстена вода како некогаш…И, не и треба многу, многу еуфорија.
Сега е сè што ќе посакаш – добиваш. Ти само играј.
Играјте момци за вас, за нас, за цела Македонија!
За еуфоријата пак, ќе се договориме дополнително во Дебрецин. Нека помине прво 13-ката…