Дисциплинската комисија на Ракометната федерација имаше многу работа изминатиот период и донесе неколку одлуки по спорните ситуации во сите конкуренции.
По црвениот и син картон на мечот со Текстилец од 20 коло, ракометарот на Овче Поле од Свети Николе, Иван Димчевски, доби суспензија од една година и долго време ќе биде надвор од терените.
Тренерот на Прилеп, Наум Танески, доби казна од 15.000 денари поради неспортски потег по завршувањето на мечот со Пролет од суперлигашкиот плеј-аут, кој неговиот тим го доби со 30-29.
Лошо минаа и службеното лице на женската пионерска екипа на Вардар, Ева Кириловска, како и делегатот Живко Андонов, по мечот меѓу Астибо и Вардар. Клубот Вардар ќе треба да плати казна од 10.000 денари и го загуби мечот со службени 10-0, но ќе има и еден бод помалку во бодовното салдо.
Поради настап на ракометарка на Вардар, што не била во записникот, Кириловска доби суспензија на шест месеци од сите ракометни функции, а исто така и делегатот Андонов доби суспензија од шест месеци поради техничкиот превид.

























