Сениорската репрезентација на БиХ моментално ја одработува втората фаза од подготовките за настап на Европското првенство кое ќе се одржи во периодот од 13 до 30 јануари во Унгарија и Словачка.
Еден од главните ракометари во босанската репрезентација, Иван Карачиќ е среќен што повторно ќе настапи на едно големо натпреварување со своите репрезентативни колеги.
Ракометарот на Макаби Ришон Ле Зион смета дека групата во која се наоѓа БиХ е тешка, но истакнува дека со добра подготвеност може да се дојде до позитивен резултат на Европското првенство.
„Мило ми е што сум повикан во репрезентацијата и мило ми е што можам да ја претставувам мојата земја на Европското првенство. Горд сум и среќен што сум дел од овој тим. Секогаш уживам да доаѓам на подготовките. Мислам дека и другите играчи уживаат во истото. Не е важно дали се работи за стари или млади играчи, сите се вклопуваме во таква работна атмосфера. Без многу прашања и приговори го правиме она што го бара селекторот од нас. Имаме многу тешка група, но мислам дека секоја година сме се подобри и подобри. Многу сме попаметни од порано и се надевам дека ќе успееме да го искористиме тоа што ни се нуди. Најважно е да дадеме сѐ од себе, а потоа да ги искористиме грешките на противникот и можеби да дојдеме до добар резултат“.
БиХ на Европското првенство се наоѓа во Групата Е, а нејзини противници во првата фаза ќе бидат селекциите на Шпанија, Чешка и Шведска.
Ракометарите на БиХ својот прв натпревар ќе го одиграат против селекцијата на Шведска на 13 јануари.