СТЕВЧЕ АЛУШОВСКИ: На Исланд ми фали македонското сонце, но луѓето се топли како во екс-Југославија

„Луѓето овде не се типични скандинавци. Сите сакаат да помогнат и да излезат в пресрет. Сето тоа многу ме потсетува на поранешна Југославија. На гости се оди ненајавен, едноставно сè е како во времето на поранешната земја“

Легендата на македонскиот ракомет, играч кој тргна со репрезентацијата на Македонија од првата средба и учествуваше во поставувањето на темелите, но и во најголемите успеси кога беше освоено 5. место на Европското првенство во Србија, Стевче Алушовски во моментов своите тренерски квалитети ги покажува на Исланд каде што предводи тим од Акурејри.

Алушовски како играч целата своја кариера ја мина во Македонија. Го носеше дресот на Пелистер, Преспа, Вардар и Металург, а потоа како тренер прво работеше во својот клуб Алушовски, за потоа да се пресели во Еурофарм Работник и на почетокот на 2020 година во Вардар каде беше до крајот на минатата сезона.

Од ова лето е на кормилото на Тор Акурејри, клуб кој се натпреварува во Втората лига по ранг во Исланд и во моментов се наоѓа на 3. место, а денеска гостува кај петтопласираниот Фјолнир во обид за нова победа.

Стевче Алушовски – Исланд

Веќе 3-4 месеци беа доволно време за да се запознае со условите за работа, за живот и за напредок во својата кариера. Впечатоците му се одлични и вели дека се чувствува како дома. Луѓето ја имаат топлината на жителите на Балканот и се разликуваат од скандинавците што му помогнало полесно да се адаптира.

„Исланд е средена земја со многу закони кои ги почитуваат сите што е различно од Македонија. Се наоѓам во вториот град по големина, Акурејри. Има 20.000 жители, а по површина е доста голем. Станува збор за убаво место. Зимата тука трае шест месеци, а во моментов има доста снег. Денот е пократок отколку во Македонија и има помалку сонце. Сепак, луѓето овде не се типични скандинавци. Сите сакаат да помогнат и да излезат в пресрет. Сето тоа многу ме потсетува на поранешна Југославија. На гости се оди ненајавен, едноставно сè е како во времето на поранешната земја“, вели Алушовски за 24 Ракомет.

Презадоволен е и од можноста да е ужива во убавините на Исланд. Вели дека местото Акурејри е дел од дијамантскиот круг каде што има што да се види при прошетките.

„Има многу природни убавини. Се наоѓам во место кое е во дијамантскиот круг. Туристичка атракција каде има што да се види. Прекрасно езеро, геотермални извори кои се слични на Сината лагуна во Рејкјавик. Има вулкани кои не се активни, најголемиот водопад… Многу природни убавини во кои може да се ужива. Има место каде што можат да се видат и китови, а кога е ведро може да се ужива во аурора бореалис. Од економска гледна точка не е скапо доколку се купува во маркети, но цените во рестораните се повисоки 4-5 пати од Македонија. Главно, животот е многу сличен. Има многу обврски и постојано движење“.

Градот е далеку од главниот град на Исланд. Но има своја посебна убавина.

„Акурејри е далеку 380 километри од Рејкјавик. Исланд е земја чија површина е четирипати поголема од Македонија. Животот се разликува многу од град до град. Во Рејкјавик е сосема поинаку. Таму се типични скандинавци. Тоа е поголем град и секој си ја брка својата работа. Тука во Акурејри сè ме потсетува на времето кога живеевме во поранешна Југославија. Децата одат сами на училиште. Можат да ти дојдат некаденети гости. Многу слично како до пред 1997-98 година кај нас“.

НЕДОСТИГА МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И МАКЕДОНСКАТА ХРАНА

Далечината од Македонија си го прави своето и секако има многу работи кои му недостигаат.

„Ми недостига Сонцето во Македонија. Ми недостига и Македонија. Нашата храна, нашите производи. Тука храната е многу поразлична. Главно се јаде риба. Разликата е голема и во времето. Велат дека годинава е многу поразлична во споредба со претходните 15 години. Има многу повеќе сончеви денови, но има и дваесетина сантиметри снег. Сонцето е убаво, но во исто време е и ладно. Сепак, има многу работи кои ми недостигаат. Ми недостигаат пријателите, семејството, убавата македонска храна, дружењето, излагањето на кафе“.

И на ракометен план има разлики во однос на Македонија. Разлики во работата, тренирањето, сфаќањето на овој спорт, но и на спортските подвизи или неуспеси воопшто. Се гледа сосема поинаку.

„Различно е тоа што се тренира само еднаш во денот. Имам млада екипа, но сите кои се во тимот покрај тоа што тренираат и учат или работат. Подготовката за натпреварите е со многу видео и со ставање акцент на различни детали. Оттаму нема многу време за прошетки и главно релацијата е дома-сала. Првите впечатоци се позитивни и прекрасни. Убаво е да се живее тука. Во моментов мојата сопруга и ќерката се тука и е полесно. Инаку, претходно секојдневно бевме во контакт преку видео повици. Исто така тука е и нашиот репрезентативец, Томислав Јагуриновски, па имаме можност да зборуваме на македонски“.

ЕДЕН ПРОФЕСИОНАЛЕЦ ВО ТИМОТ

Екипата на Тор Акурејри е главно сочинета од млади ракометари кои уште учат или работат некаде така што не можат да бидат професионалци.

„Во тимот имаме само еден професионалец, а тоа е Томи Јагуриновски. Другите ракометари се млади. Дел од нив уште учат, а еден дел работат. Затоа не се во можност да тренираат двапати. Можат да одработат само еден тренинг во денот. Оттаму со Томи работиме индивидуално и така можеме да одржиме по два тренинзи. Лигата е особено израмнета. Има 5-6 екипи кои се со приближен квалитет. Хордур кој е првопласиран во моментов за тренер има Шпанец, а има и седум странци. Во мојот тим дури деветмина си заминаа летото. Имам нов тим. Сепак, сè е организирано. Најголем проблем е само тоа што речиси на сите натпревари мораме да патуваме. Скоро сите ривали се од Рејкјавик и мораме многу да патуваме“.

Клубовите почитуваат строги правила односно сите се придржуваат до она што е поствено како рамка и во однос на правилата и во однос на финансиите.

„Има доста квалитетни играчи и во Првата и во Втората лига. Тука владее еден западен систем со дефинирани правила и дефиниран буџет. Никој не оди надвор од рамките и не ветува нешто кое не може да го оствари. Нема многу стрес за натпреварите околу тоа дали се губи или се победува. Клубовите имаат долгорочни планови и сите се трудат да ги остварат. Доколку успеат во тоа тогаш е добро, доколку не успеат никој не го сфаќа тоа трагично. Спортот го сфаќаат како забава“.

Тор Акурејри е дел од спортско друштво во кое има уште неколку клуба од повеќе спортови така што сите заедно имаат еден лидер, а функционираат како секции под капата на голем клуб.

„Клубот не е само ракометна секција туку е спортско друштво во кое има кошарка, ракомет, одбојка, гимнастика… Женскиот клуб се вика КА Тор, но во машка конкуренција сме поделени. КА игра во Првата лига, ние играме во Втората и тоа е малку чудно. Немаме класичен претседател на ракометниот клуб. Претседател има единствено на спортското друштво, додека секоја секција си има борд на директори кои се задолжени да најдат финансии“.

Имаат поставено систем од кој не се откажуваат и се трудат да имаат постојан напредок. Имаат одлична инфраструктура што ги олеснува тренинзите и задачите на сите во клубот.

„Вложуваат многу во ракометот. Вложуваат и во спортските сали. Имаме две сали, затворен фудбалски терен кој е во нашето спортско друштво. Имаме стадион, базени… Преголема спортска инфраструктура. Сите млади деца се занимаваат со некој спорт. Не е важно кој спорт е. Сите се занимаваат со некој. Едноставно системот е така поставен. Луѓето го сакаат спортот и вложуваат во него“.

НОВИОТ ДОГОВОР Е НА МАСА, СЕ ЧЕКА ПОТПИС

Алушовски наметна свој стил на работа и ужива во поддршката. Искоренети се некои од навиките кои ракометарите ги имале претходно така што има големо задоволство од неговата досегашна работа што резултираше со понуда за продолжување на соработката.

„На стартот мораше да смениме некои стари навики во екипата и да ги искорениме. Мораше ракометарите да се навикнат да доаѓаат редовно на тренинзите. Тоа веќе го средивме. Сега следуваат барања да се донесат засилувања. Веќе донесовме искусен играч од КА. Станува збор за искусен бек. Дојде и Томи Јагуриновски од Вардар. Презадоволни се од мојата работа. Има и нови моменти. Имам понуда за да останам уште пет години во тимот, но не сакам да брзам. Полека ќе видиме што ќе се случи. Се гледа долгорочно, имаат цел и знаат што сакаат. Не сакаат да се залетаат, да ветат нешто кое не би можеле финансиски да го испратат“.

Клубот планира сезонава да успее да се искачи ранг повисоко односно скок во Првата лига. Сепак, ќе мора да се има добра сезона до крај за да се успее во намерата.

„Нашата цел е да влеземе во Првата лига. Полека го фомираме тимот. Сакам да имаме уште еден лев бек кој би играл во двата правци. Во тимот можеме да имаме само двајца ракометари надвор од Европската унија. Во целата ситуација добро е што во Првата лига директно влегува првопласираниот тим, а екипите кои ќе се пласираат од 2. до 5. позиција разигруваат. Се игра елиминациски плеј-оф. Прво играат вториот против петтиот и третиот против четвртиот, а потоа се соочуваат победниците од овие двобои. Најдобриот му се придружува на првопласираниот во најсилната лига“.

ВАРДАР И ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР БИ БИЛЕ НА ПРВИТЕ ДВЕ МЕСТА

Во споредба со ракометот во Македонија, Алушовски објасни кои екипи од Македонија би успеале да бидат во врвот на најсилната лига на Исланд. Исто така и кои клубови би можеле да се борат за првите позиции во Супер машката лига кај нас.

„Супер лигата на Македонија е доста поквалитетна во однос на Втората лига каде што сме ние. Доколку се спореди со Првата лига на Исланд тогаш единствено Вардар и Еурофарм имаат подобар квалитет од која било екипа овде. Валур, Хаукар и Стјарнан се екипи кои би можеле да бидат на 3. место во Македонија“.

Репрезентативецот на Македонија кој се приклучи пред извесно време во клубот веќе успеа да ги покаже квалитетите и успеа да се избори за одличен статус во клубот.

„Томи Јагуриновски го знае добро мојот систем на работа. Немаше проблеми за да се вклопи во екипата и веќе е еден од носителите. Томи има квалитет за да игра и во Лигата на шампионите. Се надевам дека ќе има можност и за тоа. Се надевам дека за брзо овој клуб ќе прерасне во клуб кој ќе биде важна алка во ракометот во Исланд. Сметам дека Јагуриновски направи вистински чекор и за него и за нас како клуб ова е големо искуство“, вели Алушовски за 24 Ракомет.

Одличниот почеток на сезоната и најавите за уште посилен тим во следниот период секако се најава и за битка за највисок пласман. Доколку оди сè според планот на Алушовски клубот може да напредува многу и ова може да биде почеток на убав проект и одлична соработка.