Новиот машки прволигаш РК Алкалоид своите амбиции за висок пласман уште во првата сезона од играњето во Првата лига го најавува со ангажирање на познато тренерско име. Според информациите на 24Ракомет на клупата на тимот од Автокоманда треба да седне Љубомир Савевски, сегашниот селектор на женската репрезентација на Македонија кој со кадетките го освои ЕХФ шампионатот што се играше во Литванија.
Наскоро треба да има промоција на тренерот и на играчите што ќе настапуваат во Алкалоид, и ќе почнат официјалнои подготовките за новата сезона.
Савевски направи одлична работа со младите ракометарки на двата ЕХФ шампионати на кои настапи, во Македонија и во Литванија, и тоа беше одлична препорака за новиот клуб да размислуваат за негово ангажирање. Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов на приемот на кадетската репрезентација изјави: „жалам што порано не сум го запознал Савевски за заедно да се радуваме на сите досегашни успеси и настапи“, што само е најава дека квалитетот и работата на Савевски е препознаена и ќе добие шанса да ги „стави во строј“ и младите ракометари на Алкалоид.
Савевски беше и селектор на младинската машка репрезентација на Македонија во 1997 година кога настапи на СП во Турција, на генерацијата на Лазаров, Мојсовски, Ангеловски, Мисовски, Марковски, Крстев, Ангелов, Калајџиоски.. Потоа беше селектор на сениорите, па на женската репрезентација со која настапи на СП 2007. Последен клупски ангажман му беше во Вардар.
Новоформираниот клуб кој на 7 јули ја имаше и официјалната промоција ќе почне од Првата лига со идеја да се соберат потенцијалните ракометни репрезентативци, таленти и играчи кои не можат да изборат минутажа во своите клубови.
Првите засилувања на клубот се репрезентативците Мартин Серафимов и Игор Ѓорѓиев. Наскоро би требало да се обелоденат и другите играчи, а според нашите информации најголем дел ќе бидат играчи кои настапуваа за кадетската репрезентација на ЕХФ шампионатот во Скопје. Иако нивните имиња се уште не се обелоденуваат, речиси сите се веќе добро познати на ракометната јавност со последните настапи на младите ракометари.
Базата на Алкалоид ќе биде СЦ „Борис Трајковски“, играчкиот кадар допрва ќе се формира