Чаир со пораз на дебито од Регионалната лига – Бор ги однесе бодовите за Србија

Екипата на Чаир загуби во првата пресметка од новата сезона во Регионалната лига иако му пружи голем отпор на српскиот тим Бор, кој се радуваше на триумф со 33-26.

Бор, кој играше без една од најдобрите – десниот бек Сара Гаровиќ, на почеток отиде на 4-1, но Чаир набрзина воспостави контрола и успеа да се приближи на минус еден. Коловска, Ѓорѓиевска, Абдала…се разиграа и со поддршка на капитенот Којовиќ, домаќинките стигнаа до реми, 9-9.

Тоа беше знак за гостинскиот стратег Барбуловиќ да бара тајм-аут, па неговите девојки веднаш реагираа и поведоа со плус два, водство што го имаа до пред паузата, 15-13. Чаир можеше да намали, но пеналот во последните секунди не го реализираше и на одмор се отиде со предност на гостинките.

Во второто полувреме на 17-16 за Бор, Чаир имаше прилика да стигне до реми, но голманката Петковиќ ја одбрани контрата на домаќинките, потоа Бор постигна уште два гола за 19-16 и до крајот не дозволи Чаир да се надева на нешто повеќе на овој натпревар.

Следен предизвик за Чаир ќе биде уште еден домашен натпревар, против Наиса Ниш на 11 септември од 18:00 часот.