Направил само еден тренинг и веднаш потпиша за Металург

Реваз Чантурија во 2004 година воопшто не дошол во Македонија со идеја да прави трансфер. Бил во Скопје како дел од грузиската експедиција, не смеел ни да настапи на официјалниот меч, но еден тренинг бил доволен луѓето од Металург да решат дека сакаат да го задржат.

Понекогаш за да ти се промени целата кариера не се потребни десет натпревари, долг скаутинг или месеци преговори. Понекогаш е доволен само еден тренинг.

Токму така почнала македонската приказна на Реваз Чантурија, кој во 2004 година првпат пристигнал во Скопје. Имал 22 години, бил регистриран за Шевардени, а во Македонија дошол повеќе како придружба и за дружење, отколку со идеја дека ќе остане.

„Во тоа време ситуацијата во Грузија финансиски не беше добра. Дојдов повеќе за дружење, да прошетам, да видам нешто. Патувавме три дена со автобус. Бидејќи долго патувавме, направив тренинг со екипата за да останам во форма“, раскажува Чантурија.

Токму тој тренинг ќе се покаже како клучен.

Од трибините во Автокоманда го забележале луѓе од тогашната управа и стручниот штаб на Металург.

На Чантурија му било кажано дека сакаат повторно да го видат и дека, доколку остави добар впечаток, се подготвени да разговараат за негово останување.

Проблемот бил што официјално не можел да игра.

„По тренингот почна разговорот – им се допаднав како десно крило и сакаа да ме видат уште еднаш. Ми рекоа дека ако одиграм добро, би сакале веднаш да потпишат. Но, јас не смеев да играм на натпреварот затоа што бев регистриран за друг клуб.“

Наместо натпревар, следувал уште еден тренинг.

И тоа било доволно.

„Ме однесоа на тренинг во Автокоманда, тренирав таму и почнавме да разговараме посериозно. Вечерта, по натпреварот, се договоривме.“

Одлуката дошла толку брзо што Чантурија воопшто не бил подготвен за останување.

Во Македонија донел облека само за една недела.

„Јас имав облека во торбата само за една недела. Дојдов за неколку дена и следното утро останав. Имав 22 години и една торба со алишта за една недела.“

Таа една недела на крајот се претвори во повеќе од две децении.

Со Металург Чантурија освои домашни трофеи, а потоа неговата кариера продолжи низ Вардар, Пелистер, Струмица, Прилеп и други македонски средини.

Денес живее во Битола, семејството му е тука, а Македонија одамна престана да биде само земјата во која некогаш дошол на неколку дена.

Сè почнало со три дена патување со автобус. И еден тренинг во Автокоманда.

Целото интервју со Реваз Чантурија можете да го прочитате на следниот линк: 

ИНТЕРВЈУ Реваз Чантурија: Дојдов со торба за една недела, а останав 22 години во Македонија

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…